Земјите-членки на ЕУ се блиску до договор за нов пакет санкции против Русија, изјави денес високата комесарка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас.
„Се надеваме дека ќе постигнеме политички договор за 18-тиот пакет санкции. Блиску сме, многу блиску. Се надевам дека денес ќе се договориме за тоа“, рече Калас пред состанокот на министрите за надворешни работи на 27-те земји од блокот.
Според неа, „предлозите се тука и сега прашањето е дали можеме да го надминеме ветото на една земја-членка или не“.
„Работиме на тоа“, рече Калас.
Извори вчера за Ројтерс изјавија дека сите елементи од пакетот санкции се договорени, иако една членка сè уште има резерви во врска со предложеното намалено ограничување на цената на руската нафта.
Ројтерс пишува дека е договорен механизам за динамично ограничување на цените. Европската комисија во петокот предложи ограничување на цената на руската нафта со флуктуирачки ценовник од 15 проценти под просечната пазарна цена во претходните три месеци.
Еден од изворите рече дека почетното ограничување ќе биде 47 долари за барел, врз основа на просечната цена на руската нафта во изминатите 22 недели, намалена за 15 проценти. Цената ќе се преиспитува на секои шест месеци.
Европската комисија минатиот месец предложи 18 пакет санкции против Русија насочени кон приходите од енергетиката, банкарството и воената индустрија. Новиот пакет забранува трансакции со рускиот гасовод „Северен тек“.