Со денешното ставање во функција на фотоволтаичниот систем во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, Кисела Вода стана општина во која сите основни училишта располагаат со сопствени фотоволтаични системи.
Проектот „Инвестиција во фотоволтаици, енергетска ефикасност, заштита на човекова околина“ се реализира преку Програмата за развој на планските региони. Инвеститор е Владата на Република Македонија преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, а имплементатор е Центарот за развој на Скопскиот плански регион. Кофинансирањето за вкупно осум училишта, од кои седум се од општина Кисела Вода и едно од општина Зелениково, го обезбедува Општина Кисела Вода, велат од таму.
„Со овој проект постигнуваме значителни заштеди, но покрај финасиската ефикасност, ова е и дополнителна инвестиција во подигнување на еколошка свест. На нашите ученици им овозможуваме да растат со конкретни примери на грижа за животната средина. Наместо само да им зборуваме за екологија, им покажуваме што значи одговорност. Со проектот беше извршено проектирање и инсталација на мрежни он-грид фотоволтаични системи до 20 kW во сите основни училишта. Вкупната инсталирана моќност изнесува 140 kWh, а се очекува годишна заштеда од 160 MWh, што е намалување на потрошувачката за 70% до 80% по училиште и претставува 18% од вкупната потрошувачка на општината. Во време на економски и енергетски предизвици, вложуваме паметно, создавајќи училишта кои произведуваат зелена енергија, заштедуваат средства и образуваат генерации кои ќе бидат свесни за важноста на екологијата. Благодарност до Владата, Министерството, Бирото и Скопскиот плански регион за визијата и поддршката Сметам дека оваа стратегија треба да се прошири и во сите основни, но и во сте средни училишта на ниво на град Скопје, затоа што е пример како со мали вложувања можат да се постигнат големи и одржливи резултати, и за буџетот и за иднината на децата“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 10.096.691 денари, или 1.009.669 денари по училиште, извести Општината.