Најстариот маратонец на светот загина на 114-годишна возраст

Точка

15/07/2025

18:07

866

Големина на фонт

а а а

Фауџа Синг, за кого се веруваше дека е најстариот маратонец на светот, загина во сообраќајна несреќа на 114-годишна возраст, соопшти во вторникот неговиот биограф.

Синг, роден во Индија и државјанин на Велика Британија, настрада откако во понеделникот бил прегазен од непознат автомобил во округот Џаландхар, во индиската сојузна држава Пенџаб.

„Мојот Торнадо Турбан веќе не е со нас. Удрен е од непознат возач додека ја преминувал улицата во селото Бјас. Почивај во мир, драги Фауџа“, напиша на мрежата X неговиот биограф, Хушвант Синг.


Иако немал официјален извод од матичната книга на родените, семејството тврдело дека е роден на 1 април 1911 година.

До својата стота година трчаше цели маратони (42 километри). Последната трка од 10 километри ја истрча во 2013 година на маратон во Хонгконг, со 101 година, за време од 1 час, 32 минути и 28 секунди. Стана светска сензација кога почна да се занимава со долги трки на 89-годишна возраст, мотивиран од смртта на сопругата и синот, како и гледањето маратони на телевизија.


Иако беше широко признат како најстар маратонец, никогаш не беше официјално потврден од Гинисовата книга на рекорди, бидејќи не можеше да ја докаже својата точна возраст – документите за раѓање не постоеле во времето на британската колонијална власт.

Фауџа Синг ја носеше олимписката бакла на Олимписките игри во Атина во 2004 и во Лондон во 2012 година, а се појави и во реклами заедно со спортски ѕвезди како Дејвид Бекам и Мухамед Али.