Трамп: Кока-Кола се согласи да користи вистински шеќер од трска во САД - „Ќе видите, сега ќе биде подобра“

Макфакс

17/07/2025

10:41

1.180

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Кока-Кола се согласила да користи вистински шеќер од трска како засладувач во своите пијалоци што се продаваат во САД, откако разговарал со компанијата.

„Разговарав со Кока-Кола за користење вистински шеќер од трска во Кока-Кола во САД и тие се согласија да го сторат тоа. Би сакал да им се заблагодарам на сите на власт во Кока-Кола“, порача Трамп преку социјалните мрежи.

Портпаролот на Кока-Кола изјави дека компанијата со седиште во Атланта наскоро ќе сподели детали за новите понуди и дека го цени ентузијазмот на Трамп за нивниот производ.

Кока-колата што се продава во САД обично се засладува со сируп од пченка со висока содржина на фруктоза, додека во други земји, вклучувајќи го Мексико и делови од Европа, често се користи шеќер од трска.

Иницијативата на администрацијата на Трамп „Направете ја Америка повторно здрава“ е во согласност со здравствените политики промовирани од секретарот за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор, кои имаат за цел да ги охрабрат прехранбените компании да ги отстранат состојките како што се вештачките бои од своите производи.

Кенеди претходно ја критикуваше и високата содржина на шеќер во американската исхрана и најави нови упатства за исхрана, кои треба да бидат објавени ова лето.