Јапонскиот министер за одбрана, Ген Накатани, изјави дека земјата се соочува со најсериозната и најсложена безбедносна ситуација од Втората светска војна во контекст на зголемената воена активност во регионот од страна на три потенцијални противници во Источна Азија – Кина, Русија и Северна Кореја.
„Сегашниот светски поредок е под сериозна закана, а Јапонија е во најсериозната и најсложена безбедносна ситуација во повоениот период. Воените активности на Кина претставуваат невиден и голем стратешки предизвик за Јапонија“, наведе тој во годишниот извештај на Министерството за одбрана, објавува „Евроазија дејли“.
Според него, Пекинг „брзо ги проширува своите воени капацитети во однос на квалитетот и квантитетот“, а во исто време ги „интензивира“ своите активности во регионот, вклучувајќи ги и островите Сенкаку, архипелаг во Источнокинеското Море кој е под администрација на Токио, но кој Пекинг ги нарекува острови Џиаоју, објавува Танјуг.
Документот, исто така, укажува на соперништвото меѓу Кина и САД, најважниот сојузник на Јапонија.
„Глобалната рамнотежа на моќ радикално се менува, а конкуренцијата меѓу државите продолжува. Особено, меѓудржавната конкуренција меѓу САД и Кина веројатно дополнително ќе се засили во иднина“, се забележува во документот.