Сензационална бокс борба на повидок?! Јутјуберот Џејк Пол го прифати дуелот против Џошуа…

Точка

24/07/2025

15:46

1.360

Големина на фонт

а а а

Џејк Пол шокира: го прифати мечот против Антони Џошуа со поделба на заработката од 99 проценти за Џошуа! Саудијците режираат спектакл за 2026 година што ќе привлече милиони.

Јутјуберот и боксер Џејк Пол (28) го прифати предизвикот за борба против поранешниот двократен светски првак во тешка категорија, Антони Џошуа (35). Но, она што овој договор го прави еден од најбизарните во историјата на спортот не се само профилите на борците, туку и финансиските услови што Пол наводно ги прифатил без двоумење.

Главниот архитект на овој необичен меч е саудискиот моќник и клучна фигура во модерниот бокс, Турки Алалших. Познат по организирањето на најголемите борби денес, Алалших не го крие својот анимозитет кон авантурите на Пол во рингот, но гледа можност да ја искористи неговата популарност за спектакл што ќе привлече милиони.

„Не сум против она што Џејк Пол го прави, добро е за боксот да има помлада генерација … Против сум на некои борби што ги избира. Сега размислувам за него против Џошуа. Ако Џошуа го уништи, тоа ќе биде добро за мене … Главоболката наречена Џејк Пол ќе исчезне од мојата глава“, изјави Алалших.


Пол ја прифати неверојатната понуда

За да се осигура дека борбата ќе се случи, Алалших понудил финансиски аранжман што пркоси на секоја логика во модерниот спорт: поделба на заработката во однос 99 спрема 1 во корист на Џошуа.

На општо изненадување, Пол се согласил. Во сценарио каде што вкупната заработка би достигнала 50 милиони евра, Џошуа би ставил во џеб неверојатни 49,5 милиони, додека Пол би морал да се задоволи со „трошки“ од 500.000 евра – драстично помалку од околу 40 милиони долари што наводно ги заработил во контроверзната борба против 58-годишниот Мајк Тајсон.


Судир на два света: Легенда против инфлуенсер

Овој меч, планиран за 2026 година, претставува повеќе од борба; тоа е судир на две ери. Од едната страна стои Антони „AJ“ Џошуа – олимписки победник, двократен светски првак кој ги полнеше стадионите како „Wembley“ и го претставува традиционалниот пат до врвот. Сепак, неговата кариера е во чувствителна фаза. По тешкиот нокаут од Даниел Дубоа и операцијата на лактот, „AJ“ бара пат назад кон врвот, а борбата со Пол му нуди можност за огромен хонорар со минимален ризик.

Од другата страна е Џејк Пол, феномен на дигиталната ера кој својот пат во боксот го изгради со борби против остарени легенди и ММА борци. Неговата валута не е рангирањето, туку виралноста и способноста да привлече публика што не го следи традиционалниот бокс. Иако чистите фанови го презираат, неговите настани често ги надминуваат вистинските борби за титула по гледаност и комерцијален успех.


Фјури: Џошуа, нокаутирај го!

Долгогодишниот промотор на Џошуа, Еди Херн, ги потврди разговорите, опишувајќи го мечот како можна „борба за загреввање“ пред посакуваниот дуел со Тајсон Фјури.

„Мислам дека „AJ“ ќе го израмни во прилично краток рок, но огромен број луѓе ширум светот би сакале да го гледаат тоа“, изјави Херн, признавајќи ја бизарната, но неоспорна комерцијална привлечност на мечот.

Во меѓувреме, боксерската заедница реагира поделено. Џон Фјури, таткото на Тајсон и Томи Фјури (единствениот боксер што го победил Пол), јавно го предупреди Џошуа.

„Не паѓај намерно, пријателе. Ни за милијарда долари. Нокаутирај го“, рече Фјури, алудирајќи на неоснованите обвинувања дека претходните борби на Пол биле наместени, што јутјуберот остро го демантираше, заканувајќи се со тужби.