Славниот актер се придржува до правилото кое се вика 90/10 – 90 отсто од времето јаде здраво, додека пак себеси си дозволува да ужива само 10 отсто.
Славниот актер и режисер Клинт Иствуд неодамна го прослави 95 роденден, но неговото држење, изглед и ментална сила и натаму предизвикува восхит.
Додека многу од познатите личности вложуваат огромни суми во третмани и естетски зафати, Иствуд се потпира на едноставните, природни и бесплатни методи кои веќе со децении ги практикува.
Неговиот рецепт за долг и здрав живот се сведува на три основи столбови: трансцендентална медитација, исхрана со ниско ниво на масти и блага физичка активност.
Актерот уште од млади денови сфатил колку здравјето е важно, особено откако татко му починал од срцеви проблеми. Од тогаш тој себеси си ветил дека ќе живее поразлично: свесно, смирено и со цел.
Неговиот биограф Шон Леви открива дека Иствуд уште од 70-тите секојдневно медитира и тоа двапати дневно, без оглед на распоредот на снимањата. Тврди дека таа пракса му помага да остане присебен, смирен и ментално бистар.
Кога станува збор за физичката активност, Иствуд е верен на умерените и ненапорни вежби. Долгите прошетки, голфот и вежбите за сила со акцент на техника, а не на тежина, се основа на неговата рутина.
Неговото мени исто така не е комплицирано: составено е од органски, немасни оброци: лосос, пилешко месо, брокула и друг зеленчук. Газираните пијалаци не ги пие, а индустриски преработените грицки исто така ги избегнува.
Се придржува до правилото кое се нарекува 90/10, 90 отсто од времето јаде здраво, а 10 отсто може да си дозволи да ужива во нездрава храна. Оваа рамнотежна со редовната медитација и лесните вежби, се основата на неговата виталност.
Интересно е тоа што баш ваквите навики се заеднички за луѓето од т.н. сини зони – региони во светот каде луѓето во просек живеат најдолго и се најздрави. Тоа се делови во Јапонија, Грција, Костарика, Италија и Калифорнија.