Русија нападна гасен објект во јужна Украина во регионот Одеса поткопувајќи ги подготовките за зимата, изјави денес претседателот Володимир Зеленски.
Тој рече дека гасната инфраструктура била нападната во селото Новосилске на границата со Романија, каде што се наоѓа интерконекторот „Орловка“, преку кој Украина добива гас преку трансбалканската рута.
„Ова беше намерен удар врз нашите подготовки за грејната сезона, апсолутно циничен како и секој руски удар врз енергетскиот сектор“, напиша Зеленски на „Телеграм“.
Украина се соочува со сериозен недостиг на гас по серијата разорни руски ракетни напади оваа година, кои значително го намалија домашното производство на гас.
Русија негира дека таргетирала цивили од почетокот на нејзината целосна инвазија на Украина, но тврди дека инфраструктурата, како што се енергетските системи, е легитимна цел бидејќи помага во воените напори на Украина, анализираат медиумите.
Порано денес, гувернерот на јужниот регион Одеса пријави напад врз гасната инфраструктура и главниот гасовод велејќи дека се работи на пумпање гас од гасоводот. Украинските енергетски претставници не кажаа дали интерконекторот е оштетен и дали гасот ќе продолжи да тече.