Кузмановска: Министерство на хартија, без резултати, без план, ВМРО-ДПМНЕ ги изевери младите

Макфакс

06/08/2025

14:51

126

Големина на фонт

а а а

Помина една година откако ВМРО-ДПМНЕ најави формирање на Министерството за социјална политика, демографија и млади, наместо резултати, младите добија уште едно големо разочарување, вели Стефанија Кузмановска, потпретседателка на СДММ.

Наместо функционална институција што ќе ги слуша, ќе ги вклучува и ќе им служи, добија уште една нефункционална испостава на власта на ВМРО-ДПМНЕ.

Ништо од ветените промени. Ништо од системските решенија. Само бирократија, хаос и игнорирање на младите, нивните потреби“.

Министерството, според неа, не е ниту кадровски ниту програмски комплетирано, нема преземено ниту дел од законските надлежности, а нема ниту план за тоа што треба да прави.

Тоа, како што оценува, е класична формула на ВМРО-ДПМНЕ: повеќе пари, помалку резултати.

„Министерството е глуво за младите. Неосновани селективни процеси, нетранспарентност во избори на претставници, игнорирање на организациите кои ги застапуваат младите, тоа е реалноста денес.

Со оваа Влада, бројот на локални младински совети опаѓа. Стратегиите за млади изостануваат. Младинските центри заборавени. Законот за младинско учество не се спроведува.

Ова не е само институционален застој, ова е намерно маргинализирање на младите. Ова е јасен доказ дека ВМРО-ДПМНЕ нема политичка волја за вистинско подобрување на младинските политики.

После една година власт на ВМРО-ДПМНЕ, младите во Македонија живеат потешко и полошо. Ги бројат парите од месец за месец и сè почесто го гледаат спасот надвор од државата“.

СДММ се приклучува на барањата на младинскиот граѓански сектор и бара, како што рече Кузмановска, продолжување на рокот најмалку до крајот на август, јавна промоција на повикот и структуриран дијалог со младинските организации.

Повикуваат на итно преземање на надлежностите од Агенцијата за млади и спорт, согласно законските одредби, усвојување на сите неопходни подзаконски акти за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики.

„Активна поддршка и отпочнување на процесите за воспоставување на Националното собрание на млади и Националното советодавно тело.

Прекин на праксата на селективни, партиски и нетранспарентни процеси за номинација на младински претставници.

Младите не се статистика, младите не се алатка за ПР. Младите се иднината на оваа земја“.