Дванаесет часа по завршениот летен преоден рок, Манчестер Сити го потврди Џанлуиџи Донарума како последно засилување за тимот на Пеп Гвардиола, операција која на крајот испадна крајно поволна за „граѓаните“ со оглед на статусот кој го ужива Италијанецот во светската јавност.
Манчестер Сити го доби Донарума за само 30 милиони евра и си осигура нов стартер на голманската позиција, па иако во принцип станува збор за еден од најдобрите чувари на мрежа во светот, Пол Сколс не е убеден дека тој ќе се адаптира на стилот на игра кој го негува Пеп Гвардиола.
Легендата на Манчестер Јунајтед вели дека тој со сигурност би тргнал по Донарума доколку бил директор на „Олд Трафорд“, но од друга страна, не е сигурен дека Донарума ќе има добра етапа на „Итихад“.
– Донарума е многу чуден ангажман од страна на Пеп Гвардиола. Јас навистина го сакам овој голман, сметам дека е брилијантен и веднаш би го довел во Манчестер Јунајтед, не би размислил во ниту еден момент.
– Сити го доби за неверојатна сума, но за да бидете голман на Пеп Гвардиола, треба да играте со нозе како да сте играч за врска. Мислам дека тоа е главната причина поради која Луис Енрике го исфрли од својот тим во ПСЖ, го исфрли поради тоа што не е добар со нозе. Едноставно не го гледам Донарума како голман за Пеп и Манчестер Сити, – вели Сколс.