Османи ја критикува владата за сервилноста кон српско-рускиот свет и одалечувањето од ЕУ

Макфакс

06/09/2025

17:01

327

Големина на фонт

а а а

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска порача дека Македонија веќе ги добила сите неопходни гаранции од Европската унија и дека сега е време за конкретни чекори напред, а не за политички игри.

„Македонија ги доби гаранциите во моментот кога ја дефинираше преговарачката рамка. Таму сите прашања се регулирани. Сега не треба да се злоупотребува темата за ЕУ“, изјави Османи, нагласувајќи дека европската перспектива на земјата е клучна за нејзината иднина.

Тој предупреди дека историските предизвици и притисоците од „српскиот свет“ продолжуваат да го саботираат напредокот кон ЕУ.

„Сега има две опции – или си со ЕУ или си со српскиот свет, сива зона нема. Тие се меѓусебно поврзани. Секој што прави чекор кон ЕУ, се оттргнува од српскиот свет. И, дали сте забележале? Секој што прави чекор кон ЕУ станува цел на напади“, рече Османи.

Тој се осврна и на историските примери кои го покажуваат длабокото вкоренување на оваа дилема.

„Знаете кога се случи атентатот врз Глигоров? Еден ден откако се врати од Белград и соопшти дека ќе се оттргнеме од Југославија. Знаете ли зошто секој обид за договор со Бугарија и со Грција, или за приближување на земјата кон ЕУ, наидува на демонизација и пропаганда? Затоа што секој чекор кон ЕУ е чекор на оттргнување од српскиот свет. Секој чекор назад е чекор кон српскиот свет“, истакна Османи.

На крајот, Османи ја критикуваше актуелната влада, обвинувајќи ја за блокада на европската перспектива и за сервилност кон српско-рускиот свет.

„Оваа влада ја блокира европската перспектива, затоа сме претворени во бебе на српско-рускиот свет, кој ги има заробено сите инструменти“, заклучи тој.