За само пет дена во Грција стапува на сила новиот Кодекс за безбедност во сообраќајот којшто носи значително построги казни за сите учесници во сообраќајот.
Новите мерки опфаќаат високи парични казни, одземање на возачка дозвола, таблички, па дури и затворски казни, вклучувајќи доживотен затвор за најтешките случаи.
Грција е одлучна да го намали бројот на сообраќајни несреќи, па од 14 септември 2025 година воведува нов, построг кодекс за безбедност во сообраќајот. Казните ќе бидат повисоки од претходно, а законот важи и за странски државјани, вклучувајќи ги и туристите кои доаѓаат со сопствени и изнајмени возила.
Казните ќе се движат од 350 до 8.000 евра, а предвидени се и суспензии на возачки дозволи, одземање регистарски таблички, па дури и затворски казни.
Најважни измени во законот:
- Користење мобилен телефон во текот на возењето: Казни од 350 до 4.000 евра, суспензија на возачка дозвола до 8 години. Во случај на несреќа – можна доживотна затворска казна.
- Неносење безбедносен појас или кацига: Казни од 350 до 2.000 евра, суспензија на дозвола до 12 месеци и за возачот и за патниците.
- Возење под дејство на алкохол: Казни до 4.000 евра, суспензија на дозволата до 10 години, затвор до 5 години, во случај на фатална несреќа – доживотна затворска казна.
- Надминување на ограничената брзина: Казни до 2.000 евра, суспензија на дозвола до 1 година, во случај на незгода – казна од 8.000 евра и одземање на дозволата до 4 години.
- Поминување на црвено светло или непрописно запирање: Казни до 4.000 евра, суспензија на дозволата до 8 години, а во тешки случаи – затворска казна.
- Возење без дозвола: Казна до 4.000 евра, одземање на право на добивање возачка дозвола до 8 години, со можност за затвор од 2 години.
- Попречување на железничкиот или јавниот превоз: Казни до 4.000 евра, суспензија на дозвола до 8 години, затвор до 20 години, а во случај на несреќа – доживотна затворска казна.
- Паркирање на места за лица со инвалидитет: Казни од 150 до 2.000 евра со можност за забрана за возење до 1 година.