Бенфика го отпушти Бруно Лаж

Макфакс

17/09/2025

10:35

123

Големина на фонт

а а а

Фудбалскиот клуб Бенфика го отпушти тренерот Бруно Лаж по шокантниот пораз од Карабаг во првото коло од Лигата на шампионите.

Бенфика претрпе пораз во Лисабон по пресврт, иако по 16 минути игра домашниот тим водеше со 2:0.

Карабаг во Лисабон испиша историја на азербејџанскиот фудбал. Стана првиот клуб од Азербејџан што ги освои сите три бода во натпревар од Лигата на шампионите- и тоа на своето деби во елитното континентално фудбалско натпреварување.

„Постигнавме договор со Бруно Лаж, тој повеќе не е тренер на Бенфика. Сакам да му се заблагодарам за сè што се обиде да направи, за целата посветеност што ја покажа оваа година“, рече првиот човек на клубот, легендарниот Руи Кошта и додаде:

„За жал, дојде време за промена. Што се однесува до новиот тренер, очекуваме тој да биде на клупата уште во сабота, на Вила дас Авеш.“

Ова беше втор мандат на Бруно Лаж во Бенфика, кој започна во септември 2024 година.

Минатата сезона Бенфика го освои Лига купот. Оваа сезона, Бенфика го освои португалскиот Суперкуп и забележа три победи и едно реми во првенството.

„Орлите“ поминаа низ две квалификациски фази за Лигата на шампионите, ги елиминираа Ница и Фенербахче.

Токму неодамнешниот тренер на турскиот клуб, Жозе Мурињо, е моментално главен кандидат да го замени Лаж на клупата на Бенфика.

Лаж претходно ја водеше Бенфика од јануари 2019 до јуни 2020 година, откако ги тренираше и јуниорскиот и Б-тимот на клубот. 49-годишникот работеше и како главен тренер во Вулверхемптон и Ботафого.