Летувањето во септември во Грција веќе со години важи за „тајно оружје“ на искусните патници.
Морето и натаму е топло, а метежот полека исчезнува. Токму тогаш, оние кои знаат кога треба да ги спакуваат куферите можат да ги добијат најдобрите цени и да уживаат во целосно поразличен ритам од одморот.
Освен што атмосферата е поопуштена, трошоците се значајно пониски во споредба со екот на сезоната. Хотелите сега нудат сериозни попусти, таверните гостите ги дочекуваат со бесплатен десерт, а дури и баровите на плажите имаат пониски цени.
Цени на сместување – разлика од 30 до 50 отсто
Во текот на јуни, јули и август, ноќевање во популарните грчки дестинации како што се Халкидики, Тасос, Лефкада или Кавала често достигнуваат од 100 до 150 евра од вечер во двокреветна соба од хотел средна класа.
Во септември цените се пониски, истата соба може да ја резервирате за 80-120 евра.
Во попристапните места како Тасос или одредени делови на Халкидики, соба за двајца може да се најде и за 40-50 евра од вечер, особено во помалите семејни хотели или апартмани, доколку резервирате порано.
Во септември се појавува и т.н. „last minute“ понуда која дополнително ги намалува цените.
Храна и ресторани
Што се однесува до храната, Грција во септември нуди пониски цени и поквалитетна услуга затоа што бројот на туристи е значително помал. Во обична таверна или скромен ресторан главно јадење со прилог чини од 10 до 14 евра, а често се нуди и бесплатен десерт или узо.
Порција гиро со пита лепче е од 6 до 8 евра, додека пак комплетен оброк со пијалак (пиво или чаша вино) и салата ќе ве чини 15 до 30 евра.
Цените на плажите
Последниве години цената за две лежалки и чадор на плажите во Грција значително варира во зависност од локацијата, денот во седмицата и сезоната.
На плажите околу Атина цената е околу 17-22 евра во текот на работните денови, а покрај тоа понекогаш се додава и влезница од 8-10 евра.
На плажите во Анависос цената во текот на неделата чини околу 8 евра, додека пак во текот на викендите достигнува од 20 до 30 евра. Во местата како Халкидики, Тасос или Епир цените се движат меѓу 10 и 40 евра, а на помалите и помирни плажи комплет може да се најде и за 6 евра.
Некаде се бесплатни
Во септември, кога бројот на туристите е намален цените често се пониски за 10-30 отсто во однос на август, иако на најпрестижните плажи разликата не е толку голема.
Исто така важно е да се каже дека многу од плажите не наплаќаат посебно лежалки и чадори туку бараат минимална потрошувачка во барот – на пример 10-20 евра по лице.
Грција во септември нуди значително помирна атмосфера и умерени цени во споредба со ударните летни месеци.
Иако премиум зоните и монденските ресорти остануваат скапи, поголем дел од организираните плажи ги намалуваат цените, додека пак на помалите и слободни плажи лежалките и чадорите можат да се добијат за значајно пониски цени или дури бесплатно, со минимален надомест.
Тоа го прави септември одличен избор за сите кои сакаат да уживаат во топлото море, помалиот метеж и поволните понуди, а да не се откажат од убавините на грчките летувалишта.