„Она што Марадона беше со левата нога, Роберто Баџо беше со десната“. Со еден збор, бог. Господар на топката.
Тоа го велат фудбалските експерти кога ќе се сетат на италијанскиот виртуоз и неговите мајстории на тревата. Денес, на легендарниот спортист не му е дозволено ниту рекреативно да трча на теренот каде што во минатото испишувал историја.
Тој беше најдобриот фудбалер на планетата, а ја освои и „Златната топка“, уште во 1993 година. Обожавателите на италијанската серија А добро знаат дека тој ги носел дресовите на Милан, Јувентус, Интер, Фиорентина, Болоња и секако на националниот тим.
Баџо заслужено доби статус на божество во својата татковина. Но, неговиот сегашен живот е далеку од божествен – тој живее на село, вози 40-годишен Фиат, сече дрва и ужива на поинаков, порурален начин.
Неговиот поглед на светот никогаш не се вклопил во филозофијата што на „апенинската чизма“ ја нарекуваат „dolce vita“.
Покрај тоа, дури и на почетокот на деведесеттите години, кога „владеел“ со италијанската лига, го добил прекарот Малиот Буда, бидејќи ја сменил религијата и станал „единствениот будист во католички тим“ (италијанската репрезентација), а поради своите религиозни верувања носел посебна фризура што му донесе уште еден прекар – „Il Divin Codino“, „божествената опашка“.
Роберто сега има 58 години и одамна е во пензија. Со своето семејство – сопругата Андреа, ќерката Валентина и синовите Леонардо и Матија, тој се повлекол на имот недалеку од селото Алтавила Вичентина во регионот Венето, од каде што потекнува.
Далеку од градската врева, уште подалеку од стадионот, оваа ренесансна личност на италијанскиот спорт ужива во земјоделските работи, па така на Инстаграм можеме да видиме како познатиот „фудбалски проповедник“ вози трактор или ги обиколува нивите и околните шуми во автомобил стар 40 години, а сето тоа со насмевка на лицето и поздрав „Ciao, ragazzi!“.
Сепак, професионалното спортување оставило свој белег. Како што откри неговата ќерка Валентина (35) во едно интервју, Баџо речиси и да не потрчал по топката откако се пензионирал: „Дури и кога игра со нас во дворот, се откажува по вториот дриблинг, што порано му беше специјалност. Има силни болки и се плаши повторно да не се повреди. Не знам што би дала да го видам на теренот уште 90 минути …“
Сепак Малиот Буда не се променил многу, би го препознале дури и денес: истите очи, истата насмевка… Единственото нешто е што косата му побелела, а познатата опашка сега е пократка.
Меѓутоа минатото лето, неговата рурална идила била прекината од инцидент во кој тој се здобил со сериозни повреди. Имено, додека гледал натпревар, петмина маскирани и вооружени разбојници упаднале во неговиот дом. Баџо им се спротивставил, но бил тешко повреден и завршил во болница, каде што бил зашиен. Откако го совладале, крадците ги заклучиле Роберт и неговото семејство во плакар. Украле накит, часовници и други скапоцени предмети.