Раван бин Хусеин (28), позната инфлуенсерка со повеќе од 7,5 милиони следбеници на Инстаграм, моментално се наоѓа во затвор во Дубаи. Инфлуенсерката од Кувајт првпат била уапсена во март оваа година, а сега на интернет повторно се шират нејзини шокантни фотографии.
На фотографиите изгледа бледо и исцрпено, што предизвика загриженост кај нејзините обожаватели. Според извештаите, таа започнала штрајк со глад откако нејзината казна била дополнително продолжена поради лошо однесување зад решетки, пишува „India Times“.
Според властите во Дубаи, инфлуенсерката првпат била уапсена поради неколку прекршоци. Нејзините престапи тогаш вклучувале нарушување на јавниот ред и мир, напад на службено лице и алкохолизирање на јавно место, а истрагата утврдила дека за време на инцидентот вербално злоупотребувала повеќе полицајци.
Тогаш била осудена на шест месеци затвор, морала да плати парична казна од дваесет илјади дирхами (нешто помалку од 4.700 евра) и по издржувањето на казната требала да биде протерана од земјата. Меѓутоа, казната сè уште не ја издржала, а сега се соочува со нови правни проблеми. За време на престојот во затвор, наводно нападнала една чуварка, поради што ѝ била продолжена казната за уште една година, пренесува Јутарњи.
Во знак на протест против продолжената казна, Раван бин Хусеин наводно одбила храна и започнала штрајк со глад. Извори наведуваат дека нејзиното здравје се влошува, а нејзините најнови фотографии од затворот загрижиле многу од нејзините следбеници.
Некои од нејзините обожаватели бараат ублажување на казната, додека други се противат на тоа, тврдејќи дека законот во Дубаи се применува подеднакво за сите, без оглед на славата или бројот на следбеници на социјалните мрежи.
Претходни контроверзии
Медиумите пишуваат дека проблемите за Раван бин Хусеин не започнале во Дубаи. Имено, кувајтската инфлуенсерка со години била опкружена со контроверзии кои почнале да излегуваат на површина во Обединетото Кралство.
По разводот од сопругот Јусуф Мигаријаф, со кого има едно дете, во 2020 година, Раван била обвинета дека го следела, вознемирувала, а во еден момент дури и физички го нападнала. Таа, исто така, не се појавила на судењето поврзано со овие обвинувања, што довело до осуда во нејзино отсуство.
Британскиот суд ѝ изрекол парична казна од околу 7.500 евра и издал наредба за забрана на приближување, со која ѝ се забранува контакт со Јусуф или неговото семејство.
Проблеми и надвор од Велика Британија
Но, нејзиното лошо однесување не завршило тука. Во 2023 година била депортирана од Багдад по конфликт со персоналот на аеродромот. Подоцна истата година, ги разбеснила властите во Саудиска Арабија со танц пред иранското знаме за време на јавен настан. Две години подоцна, наводно предизвикала хаос на улиците на Дубаи откако јавно се опила – што е сериозно кршење на законите во ОАЕ, каде консумирањето алкохол надвор од лиценцирани објекти е строго забрането.
Дипломирана правничка
Раван бин Хусеин има диплома по право од „King’s College“ во Лондон, а во јавноста станала позната како ѕвезда на социјалните мрежи и лајфстајл блогерка, обожувана поради својата убавина и моден стил. Настапила и во филмот на Netflix „She’s Gone With Water“, а уште во 2016 година списанието „Vogue“ ја нарече „кувајтската Брук Шилдс“.
Како што пишува „The Arab Today“, откако стекнала популарност на социјалните мрежи како Инстаграм и Снепчет, Раван станала препознатлива по својата природна убавина, поетични описи и луксузен начин на живот, но таа сакала да биде препознаена и по своите постигнувања.
Соработувала со брендови како „Lancôme“, „Dior“ и „Maybelline“, а во 2020 година го лансирала сопствениот бренд за убавина — „House of Rawan“.
Освен тоа, Раван е талентирана писателка – објавува поезија и проза преку кои ги истражува темите на љубовта, тагата, идентитетот и самодовербата, а има снимено и неколку песни.
Се залагала и за правата на арапските жени, но со текот на годините нејзината слава била засенета од постојани скандали, јавни конфликти и правни проблеми. Сега, наместо да живее удобен живот како позната инфлуенсерка, се соочува со суровата реалност на затворот во Дубаи. Нејзиниот штрајк со глад претставува уште едно драматично поглавје во нејзиниот турбулентен јавен живот.














