Консумирањето на еден вид пијалак може да го зголеми ризикот од заболувања на црниот дроб за дури 60 проценти

Точка

14/10/2025

12:31

949

Големина на фонт

а а а

Многумина веруваат дека замената на засладените пијалаци со нивните „поздрави“ варијанти може да го намали ризикот од заболувања.

Сепак, ново истражување покажува дека една навика која често се смета за безопасна може да има сериозни последици по здравјето на црниот дроб.

Експертите предупредуваат дека она што го пиеме има поголемо влијание отколку што мислиме, особено кога станува збор за пијалаци со вештачки засладувачи.

Студијата, претставена на медицинската конференција „United European Gastroenterology Week 2025“, открила дека консумирањето на диетални газирани пијалаци може да го зголеми ризикот од метаболно заболување на црниот дроб (MASLD) за дури 60 проценти.

Станува збор за болест што настанува поради натрупување маснотии во црниот дроб, што со текот на времето може да предизвика воспаление, создавање лузни и сериозни оштетувања на органот.

Научниците повеќе од десет години ги следеле податоците за над 100.000 учесници од британската база „UK Biobank“, кои на почетокот на истражувањето немале никакви знаци на заболување на црниот дроб, пренесува „EatingWell“.


Ограничувањето на сите засладени пијалаци – најдобра одлука за здрав црн дроб

Резултатите покажале дека редовното консумирање и на обични и на диетални газирани пијалаци го зголемува ризикот од „MASLD“.

Лицата кои пиеле повеќе од една лименка дневно имале значително поголеми шанси да ја развијат оваа болест.

Главната авторка на студијата, Лихе Лу, нагласила дека и пијалаците без шеќер се поврзани со зголемен ризик, бидејќи можат да ја нарушат цревната микрофлора, да влијаат на чувството на ситост и да ја зголемат желбата за слатки.


Заклучок: и шеќерот и засладувачите – штетни во прекумерни количини

Заклучокот на истражувањето е јасен: без разлика дали пијалакот содржи шеќер или вештачки засладувачи, прекумерната консумација може да биде штетна.

Учесниците кои замениле една лименка газиран пијалак со чаша вода го намалиле ризикот од MASLD за 13 до 15 проценти.

Иако истражувањето не докажува директна причинско-последична врска, експертите предупредуваат дека ограничувањето на сите засладени пијалаци, вклучувајќи ги и диеталните, е најдобрата одлука за здравјето на црниот дроб, пренесува „Dan“.