Скопје е хаотично оти јавните претпријатија се заробени од партиски интереси, мој приоритет е нивна вистинска реформа, вели Шукова

Макфакс

14/10/2025

11:44

120

Големина на фонт

а а а

За кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, Скопје денес изгледа запуштено, нечисто и хаотично затоа што јавните претпријатија се заробени од партиски интереси, долгови и неспособни раководства. Таа констатира дека граѓаните плаќаат за услуги, а добиваат насобран смет, нефункционален јавен превоз и хаотична инфраструктура.

„Мој приоритет е вистинска реформа на јавните претпријатија, да им служат на граѓаните, а не на партиите. ЈСП се модернизира со нови еколошки автобуси, електронски систем за наплата и брз автобуски транзит за да се воспостави за да се воспостави јавен превоз што функционира. ‘Комунална хигиена’ се ревитализира со современ центар за селекција и рециклажа, редовно собирање отпад и конечно решавање на ‘Вардариште’. Во ‘Паркови и зеленило’ се отвора нова ера, десет илјади дрвја и петнаесет паркови за петнаесет месеци со редовно одржување и враќање на зелените површини во маалата. ‘Водовод’ се насочува кон стабилно снабдување, модерна опрема и намалени загуби на вода. Јавното претпријатие ‘Лајка’ се надградува во вистински хуман систем за згрижување и грижа за уличните животни“, рече денес Шукова.

Таа уверува дека со нејзината програма Скопје ќе добие функционални и транспарентни јавни служби и ќе прерасне во град што ќе работи и се грижи за жителите.

„Време е институциите да им служат на граѓаните, а не на партијата“, рече Шукова.

Политичките партии имаат уште четири дена за претставување на програмите пред да настапи изборниот молк за локалните избори.