Сакаат да го воведат најдолгиот работен ден во Европа, Грците повторно на штрајк

Макфакс

14/10/2025

11:46

204

Големина на фонт

а а а

Грчките бродови останаа во пристаништето, а железничкиот сообраќај беше запрен откако работниците утрово ја напуштија работата во знак на протест против планираните реформи на трудовото право, кои вклучуваат продолжување на работното време на 13 часа во приватниот сектор.

Штрајкот, втор овој месец од најголемите синдикати во јавниот и приватниот сектор во Грција, беше темпиран да се совпадне со парламентарната дебата и гласање оваа недела за законот за реформи на владата.

Се очекува работниците, вклучувајќи болнички лекари и новинари од јавните медиуми, да маршираат до парламентот напладне со други демонстранти.

Контроверзни реформи во трудовото право

Нацрт-законот им овозможува на работодавачите да го продолжат работното време, им дава поголема флексибилност во краткорочното вработување и ги менува правилата за годишен одмор во приватниот сектор.

Владата вели дека законот ќе создаде поефикасен и пофлексибилен пазар на трудот и ќе ги заштити работниците од отпуштање доколку одбијат да работат прекувремено.

Но, синдикатите велат дека законот ги поткопува правата на работниците, го укинува осумчасовниот работен ден и им ја одзема преговарачката моќ во земја каде што просечните плати се сè уште ниски во споредба со другите земји од ЕУ, и покрај зголемувањето на платите и помалата невработеност по осакатувачката должничка криза од 2009 до 2018 година.

Куповната моќ на Грците е меѓу најниските во блокот на Европската унија, според податоците на Евростат.

„Наместо да ги зголемува приходите на работниците и да ги зајакнува јавните услуги, владата се одлучува за закон кој е во корист на работодавачите и исцрпувачкото работно време“, се вели во соопштението на главните синдикати во јавниот и приватниот сектор во Грција, ADEDY и GSEE.