Почина „Мама Еразмус“, жената што ги промени животите на 16 милиони студенти

Макфакс

19/10/2025

08:35

1.334

Големина на фонт

а а а

Италијанката Софија Коради, креаторката на образовната програма Еразмус што им овозможи на милиони млади луѓе да студираат во други европски земји, почина во Рим на 91-годишна возраст, објавија вчера италијанските медиуми.

Софија Коради, која подоцна ќе стане професорка на Универзитетот во Рим, како студентка доби престижна американска стипендија Фулбрајт, која ја однесе на Универзитетот Колумбија во Њујорк, каде што дипломирала право.

Таа предложи и започна програма за размена

Кога италијанскиот образовен систем не ја призна нејзината американска диплома по нејзиното враќање, таа предложи програма за размена, која на крајот ја започна на ниво на Европската унија во 1987 година.


Оттогаш, околу 16 милиони студенти учествувале во програмата, според веб-страницата на Еразмус.

Програмата, управувана од ЕУ, поттикнува поблиска соработка меѓу универзитетите и високообразовните институции низ цела Европа.

„Мама Еразмус“

Софија Коради, или „Мама Еразмус“ како што беше позната, рече дека идејата за програмата, родена за време на Студената војна, била нејзина „лична пацифистичка мисија“.

За италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, кој ѝ го припишува „раѓањето на Генерацијата Европа“, таа „ги инспирирала животите на милиони млади луѓе кои патувале, студирале и прифаќале различни култури“.

„Таа сонуваше за европска младина збогатена со нејзината разновидност. Милиони студенти ѝ ги должат своите хоризонти“, рече францускиот претседател Емануел Макрон на социјалната мрежа Икс.