11 лица приведени, за Тошковски денешните избори се најмирните и најбезбедните во поновата историја на државата

Макфакс

19/10/2025

20:40

173

Големина на фонт

а а а

Македонија уште еднаш покажа демократска зрелост и политичка култура. Денешните избори поминаа како едни од најмирните и најбезбедните во поновата историја на државата, истакна на прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Им се заблагодари на сите полициски службеници, кои според него својата работа ја завршиле одговорно, професионално и без ниту еден пропуст.

„Денес покажавме дека кога институциите функционираат демократијата е сигурна“.

Гласањето како што рече, започнало навреме на сите гласачки места освен на едно гласачко место 82, каде имало технички проблеми и задоцнување од два часа.

„Регистрирани се 29 прекини на гласањето во траење од 15 до 30 минути најчесто поради технички проблеми со уредите за идентификација кои беа навремено решени“.

Најмногу од нив биле на подрачјето на Тетово и Охрид.

„Пријавени се вкупно 91 настан на територијата на државата од кои најголемиот дел се однесуваат на агитирање и можен поткуп а дел се однесуваат на фотографирање на гласачкото ливче , лепење плакати и упатени закани. По превземени мерки за 42 од пријавените случаи, постапките се завршени, а во најголем број истите наоди не се потврдени“.

Во текот на денот лишени од слобода биле 11 лица во повеќето случаи поради поткуп, фотографирање или уништување на гласачкото ливче.

„Четири се веќе ослободени а седум се задржани на натамошна постапка. Пријавени се и седум настани со наводна инволвираност на полициски службеници од кои за шест е утврдено дека не постојат неправилности, а за еден случај се преземаат мерки за расчистување“.

Регистрирани биле 19 објави на социјалните мрежи поврзани со изборите.

„Денешниот изборен процес помина во демократска и мирна атмосфера како резултат на навремено планирање и координација на МВР“, рече Тошковски.