Победивме во 95% од избирачките места, да се обединиме во вториот круг, повика Герасимовски

Макфакс

19/10/2025

23:32

1.004

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, кој на овие избори бара втор мандат како кандидат на СДСМ вели дека победил во 95 отсто од гласачките места и повика сите кои се премислуваат или имаат дилеми да го поддржат во вториот круг.

„Изборниот ден помина во мирна, фер и демократска атмосфера. Благодарен сум што граѓаните на Центар, како и секогаш, одлучија да излезат на изборите и да донесат вистинска одлука. Центар денеска вистински победи. Сакам од срце и искрено да се заблагодарам на сите граѓани кои ја дадоа поддршката за мене и мојот тим. Денес извојувавме убедлива победа. Победивме во 95 % од избирачките места. За мене е огромна чест, признание и огромна одговорност и обврска. До сите што се двоумеа или имаа дилеми – време е истите да ги надминеме. Ве повикувам во вториот круг да се обединиме и заедно да ја продолжиме визијата за развој на Центар. Центар што го сакаме е реалност и Центар што граѓаните го сакаат победи денес. Ќе победи и за две недели. Центар е и ќе остане во рацете на граѓаните, во сигурни раце“, рече Герасимовски.

Според последните податоци од Државната изборна комисија од 45 отсто обработени избирачи, Герасимовски има 3,716 гласови, а зад него се Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ со 2642 гласа, независната кандидатка Билјана Ивановска со 1930 гласа и Марија Среброва од Левица со 952 гласа.