Милан го одбрани домашниот терен и славеше со 2-1 над Фиорентина во последниот вчерашен меч во Серија А.
„Росонерите“ покажаа карактер и успеаа да дојдат до триумф во ситуација кога имаат доста важни повредени играчи, плус од негатива го свртија резултатот и забележаа победа со која се лидери во шампионатот со 16 освоени бода пред Интер, Наполи и Рома кои имаат по 15 поени.
Херој на клубот од Милано беше Рафаел Леао кој беше автор на двата погодоци, првиот во 63, а вториот во 86 со удар од белата точка.
- Рафа е навистина неверојатен. Се радував што ќе играм со него, за жал брзо се повреди, но сега се враќа во форма. Ова е Рафа што ни треба. Страшен талент, однадвор кога го гледав, а сега кога тренирам со него, гледам дека е еден од најдобрите играчи во светот. Неверојатно е што сè уште може да се подобри, само зависи од него. Се надевам дека овие два гола ќе му помогнат да ја зголеми самодовербата и да биде главен играч за нас, тој ќе биде многу важен и многу ќе зависиме од него. Тој го покажа тоа вечерва, - истакна Лука Модриќ кој испрати и директна порака до соиграчите.
- Сега мора да играме натпревар по натпревар, растеме, покажавме карактер и квалитет, па затоа мора да продолжиме вака. Има долг пат пред нас, но сме на вистинскиот пат, и кога некои играчи ќе се вратат од повреда, ќе бидеме уште посилни, - заклучи Хрватот.