[ВИДЕО] Револуција во медицината: Научниците создадоа човечка крв во лабораторија – би можела да го замени донирањето крв и да помогне при лекување леукемија

Точка

21/10/2025

12:12

761

Големина на фонт

а а а

Научниците успеаја во лабораторија да одгледаат кластери од клетки кои произведуваат матични клетки од човечка крв – откритие кое еден ден би можело да го замени донирањето крв и да им помогне на заболените од леукемија и лимфом.

Мали „фабрики на крв“

Тимот од Универзитетот во Кембриџ којшто стои зад овој иновативен процес, ги нарекува овие „фабрики на крв“ – „хематоиди“, пренесува „Science Alert“.

Се докажало дека од нив се развиваат црвени и бели крвни зрнца, баш како што тоа го прават матичните клетки од папочната врвца.

Овие структури, создадени од донирани човечки матични клетки, наликуваат на ембриони, но им недостасуваат клучните ткива како жолчна ќесичка и плацента кои се неопходни за понатамошен развој.

Процес на создавање на крвта

Како вистински ембриони, хематоидите до осмиот ден развиваат срцеви клетки кои ја започнуваат циркулацијата, а крвта почнува да се создава веќе по две недели од инкубацијата.

„Тоа беше возбудлив момент кога во садот се појави крваво црвена боја, беше видлива и со голо око“, изјавил развојниот биолог од Универзитетот во Кембриџ, Китеш Неупан.

Тој додал дека ова откритие „го расветлува процесот како крвните клетки природно се формираат во текот на човековата ембриогенеза, нудејќи потенцијални медицински достигнувања за тестирање лекови, проучување на ран развој на крвта и имунитет, но и моделирање на крвни нарушувања како леукемија“.


Поефикасен метод

Ова воедно е поефикасен начин за создавање човечки крвни матични клетки во лабораторија. Претходните методи биле значајно потешки и барале редовно додавање фактори за раст и други протеини, додека пак овие нови живи структури се самоодржливи.

Иако хематоидите засега се само прототипи, тимот има големи очекувања за нивно понатамошно развивање.

„Иако сѐ уште е рано во оваа фаза, способноста за произведување човечки крвни клетки во лабораторија означува значаен чекор кон идните регенеративни терапии кои ги користат сопствените клетки на пациентите за враќање и регенерирање на оштетените ткива“, заклучил развојниот биолог Азим Сурани, исто така од Универзитетот во Кембриџ.

Истражувањето било објавено во магазинот „Cell Reports“.