Со секоја нова песна, Давид Темелков потсетува дека за вистинската музика нема формула, туку се чувствува и се создава од душа.
Неговиот најнов сингл, „Слушај штом живот диктира“, е токму таков – искрен, човечки и полн со емоција што се чувствува уште при првото слушање.
Темелков е автор и на текстот и на музиката, а во аранжманот соработува со Кристијан Синковиќ. Песната ја носи неговата препознатлива чистота и топлина – едноставност што зборува повеќе од илјада зборови.
Во неа Давид пее за моментите кога животот тешко можеме да го разбереме, кога нема одговори, но и дека токму тогаш се учиме на сила.
„Понекогаш се будиш сам, без одговор на нити едно прашање... но мора да си јак, и на нозе мораш сè да поднесеш“.
Таа ранливост, но и тивка храброст, е сржта на песната – искрено сведоштво дека љубовта е лек што лечи сè:
„Има еден лек... лечи душа, лечи срце, лечи сè. Љубов е“.
Во рефренот, Давид ја претвора животната вистина во едноставна, но силна порака, што останува во мислите и после песната.
„Слушај животот штом диктира, не е среќа сè што лице насмева... не продавај си ја душата, и срце повторно ќе заигра“.
Тоа е суштината на неговата уметност – искреност без маска, музика што не трча по трендови, туку го следи пулсот на животот.
Со неверојатен глас и природна музикалност, Давид создава звук што не мора да се докажува. Неговиот стил е чист, препознатлив и искрен – секој збор има тежина, секој тон – вистина.
„Љубовта е среќа, штом дома имаш некој да те дочека“.
Интересно е што песната има и втора верзија – „Slušaj kada život diktira“, со која Давид ѝ дава нов слој универзалност и емоција, докажувајќи дека чувството не познава јазик.
Со оваа песна, Темелков потсетува дека најубавата музика е онаа што не минува со времето – музика што ги допира луѓето, ги теши и ги спојува.
Автор: Ц.Н.