Аргентина, втората најголема држава во Јужна Америка, утре ќе одржи избори на кои се избира половина од пратениците во долниот и третина од сенаторите во горниот дом на Конгресот. Изборите се сметаат за тест на поддршката на претседателот Хавиер Милеј, но и како референдум за американската финансиска помош.
Американскиот претседател Доналд Трамп јасно порача дека ако победи Милеј, ќе продолжи американската поддршка и нов заем од 20 милијарди долари за стабилизирање на валутата, а ако загуби – помош нема да има.
„Нема да си го трошиме времето ако Милеј не победи“, изјави Трамп при средбата со аргентинскиот лидер во Белата куќа.
Опозицијата во Аргентина го обвини Милеј за предавство, а Трамп за уцена и колонијализам. „Ројтерс“ јави дека ваквите изјави го зголемиле незадоволството во земјата и поттикнале критики за „американско мешање во изборите“.
Според „Би-Би-Си“ и „Гардијан“, Трамп ја води политиката на поддршка само за сојузниците, но предупредуваат дека таквиот пристап може да предизвика нестабилност ако опозицијата победи и се сврти кон Кина или ЕУ.
Милеј влезе во политиката како радикален реформатор и по преземањето на власта спроведе длабоки економски резови – ги намали државните трошоци за околу 30%, укина голем број министерства и субвенции и отпушти многу јавни службеници. Тој го нарекува својот пристап „моторна пила“ за остри реформи.
Иако рејтингот на државата порасна, економијата влезе во рецесија, а сиромаштијата се зголеми. Реалните плати во јавниот сектор паднаа за 15 отсто, а од почетокот на неговиот мандат се одржаа три генерални штрајка.
Анкетите му даваат на Милеј околу 50 проценти поддршка, но општеството е силно поделено – богатите и младите ги поддржуваат реформите, а работничката класа ги смета за прегруби.
На изборите ќе се гласа за 127 пратеници и 24 сенатори. Анкетите предвидуваат дека партијата на Милеј, може да освои најмногу гласови, но ќе мора да бара коалиција за продолжување на реформите.
Според американските најави, ветените 20 милијарди долари би се користеле за стабилизирање на аргентинскиот песо преку доларска поддршка на централната банка.
Во Аргентина има околу 36 милиони регистрирани гласачи, а гласањето е задолжително за сите од 18 до 70 години.










