Мицкоски: Кога Јакимовски бараше поддршка го замолив да нема бетонизација, а потоа ми рече ‘морам од нешто да живеам’

Макфакс

26/10/2025

16:51

526

Големина на фонт

а а а

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од маалска средба во општина Карпош порача дека е време за промена и крај на, како што рече, годините на „бетонизација и приватни интереси“ во оваа општина.

Во своето обраќање, тој се осврна на односите со актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски, за кого рече дека „ја изневерил довербата на граѓаните и коалицијата“ уште по изборите во 2021 година.

Мицкоски се наврати на 2021 година, кога, како што рече, актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, побарал помош и поддршка од ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг од локалните избори.

„Тогаш дојде ненајавен, вознемирен и уплашен, во паника. Го примив, му реков да седне и да се смири, да разговараме. Ми велеше: ‘Те молам, поддржете ме, ако треба ќе клекнам, само да ме поддржите. Народот може да ме оправда, да ме обели’. Му реков – немој така, не личи, си човек во години, ќе разговараме, но имам едно барање – нема повеќе бетонизација во Карпош. Граѓаните се изморени од тоа“, раскажа Мицкоски.

Според него, Јакимовски ветил дека ќе го почитува тоа барање и добил поддршка од ВМРО-ДПМНЕ со што ја обезбедил градоначалничката функција.

„По изборите, кога отидов да му честитам, ми покажа маса преполна со детални урбанистички планови. Ми рече: ‘Бирај, кој е за тебе’. Го прашав што значи тоа, нели се договоривме дека нема да има нова бетонизација. А тој ми рече: ‘Морам од нешто да живеам’. Тогаш ми стана јасно дека не станува збор за ветувања, туку за интереси. Му се заблагодарив и му реков дека од мене нема да добие поддршка“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека по тој период Јакимовски започнал со лични напади, но и дека, како што рече, времето на „старите политички лица“ завршува.

„Карпош мора да ја врати својата енергија и изглед. Се работи за човек кој се наоѓа на црната листа на САД за криминал. Време е граѓаните да изберат чесност, а не интереси“, изјави Мицкоски, повикувајќи ги жителите на Карпош да го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, во вториот круг на локалните избори на 2 ноември.