Авантуристи од БиХ киднапирани во Мали ослободени по два месеца

Макфакс

27/10/2025

13:52

199

Големина на фонт

а а а

Двајца државјани на Босна и Херцеговина, кои исчезнаа во африканската земја Мали пред речиси два месеца, се живи и здрави и набргу треба да се вратат кај своите семејства, објавија локалните медиуми во Босна и Херцеговина.

Марио Кокоруш и Марин Петровиќ, двајца авантуристи кои патувале во многу други земји пред Мали, според достапните информации, исчезнале на почетокот на септември и се претпоставувало дека биле или уапсени од владините сили во Мали или киднапирани од една од бунтовничките групи.

Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина и Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина (OSA) се приклучија во потрагата по нив, но досега нема информации од официјални извори за нивната судбина.

Повеќето медиуми во Босна и Херцеговина денес споделија објава од фејсбук-страница од нивниот познајник Кристијан Иличиќ, исто така авантурист и светски патник, кој тврди дека потрагата вродила со плод, па Кокоруш и Петровиќ набргу би требало да бидат слободни.

„Тие во моментот се безбедни и на пат кон главниот град на Мали и набргу ќе се вратат кај своите семејства“, напиша Иличиќ.

Тој објасни дека на барање на сопругата на еден од исчезнатите мажи се заинтересирал за нивната судбина преку своите врски во Мали и така открил дека биле киднапирани за време на вооружен напад заедно со возачот.

Иличиќ тврди дека џихадистичката група JNIM, разгранок на Ал каеда што работи во Мали, стои зад инцидентот, а не е јасно што се барало во наводното киднапирање и зошто биле ослободени.

Кокоруш, кој има докторат по електротехника, покрај државјанството на БиХ, има и германски пасош, а Петровиќ има и хрватски пасош и е професор на Машинскиот факултет во Сараево.