ВМРО-ДПМНЕ сака повторно да ја врати Македонија во времето на страв, на уцени и притисоци, но граѓаните нема да потклекнат, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на вечерашниот собир во Конче во поддршка на кандидатот за градоначалник од СДСМ, Благој Илиев.
Тој остро ги осуди притисоците врз граѓаните во текот на кампањата, потенцирајќи дека власта на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги заплаши луѓето преку институциите.
„Со полиција, финансиска полиција, шумска полиција, преку социјалните служби, прават притисок врз граѓаните. Сакаат да потсетат на времето кога сите живеевме во страв и уцени. Но тоа време заврши. Луѓето сакаат нормален живот, без притисоци, без закани, без поткуп,“ рече тој.
Филипче повика на масовна излезност во недела и поддршка за кандидатот на СДСМ, Благој Илиев.
„Да излеземе во огромен број во недела и да го заокружиме бројот 5 за Благој Илиев, човекот кој работи за вас, не за себе. За Конче да продолжи да се развива“, рече Филипче.
Тој кажа дека градоначалниците од СДСМ реализирале 90 до 100 проценти од ветеното.
„Нема општина во која СДСМ има градоначалник, а да ветената програма не е завршена 90 или 100 проценти“, рече Филипче.
Тој истакна дека граѓаните најдобро ја чувствуваат разликата кога општините ги водат луѓе кои работат чесно и посветено во интерес на сите.
„Многу добро знаете како Благојче работеше во минатиот мандат, како се однесуваше додека беше градоначалник, дека вратата му беше секогаш отворена и дека работеше за доброто на општината и на вас, граѓаните“, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ во своето обраќање нагласи дека токму оваа разлика меѓу одговорно и неодговорно владеење се гледа насекаде низ државата.
„Нема општина во држава во која што има градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, а да програмата е завршена повеќе од 20 проценти. Како да се натпреваруваат кој помалку ќе работи за граѓаните“, рече Филипче.











