Излезноста во вториот круг од локалните избори достигна 45,71% – во Скопје гласале 33,82% од избирачите
Според официјалните информации објавени од Државната изборна комисија (ДИК), до затворањето на гласачките места во вториот круг од локалните избори 2025 година, своето избирачко право го искористиле 325.691 граѓанин, што претставува 45,71 проценти излезност на ниво на целата држава.
Членот на ДИК, Оливер Кондрако, ги презентираше податоците по општини, при што највисок одзив е забележан во Демир Капија и Дојран – по 72 проценти, потоа во Крушево со 68% и во Долнени со 65%. Најниска излезност е регистрирана во Куманово (33%) и Шуто Оризари (30%).
Поединечно по општини, процентите се следни:
Аеродром – 42%, Боговиње – 59%, Дебар – 41%, Дебарца – 60%, Демир Капија – 72%, Дојран – 72%, Долнени – 65%, Зрновци – 54%, Карпош – 48%, Кичево – 51%, Конче – 70%, Кочани – 40%, Крушево – 68%, Куманово – 33%, Македонски Брод – 54% и Шуто Оризари – 30%.
Во рамките на Град Скопје, каде што гласањето се одвиваше во десет општини, од вкупно 474.304 запишани избирачи, на гласање излегле 160.131 лице, односно 33,82 проценти од вкупниот број.
Кондрако изјави дека изборниот ден поминал во релативно мирна атмосфера, без сериозни нарушувања на редот, а конечните резултати од вториот круг ќе бидат објавени по завршувањето на пребројувањето на гласовите.
Заврши гласањето во вториот круг од локалните избори
Вечерва во 19 часот официјално беа затворени гласачките места каде што граѓаните гласаа во вториот круг од локалните избори. На овие избори, правото на глас го имаа 1.013.375 избирачи.
Во вториот круг се гласаше за градоначалници во вкупно 32 општини, како и во Град Скопје, додека на три избирачки места во скопската општина Шуто Оризари се спроведе прегласување за советничките листи.
По затворањето на избирачките места, гласање им беше дозволено само на оние граѓани кои во моментот на 19 часот веќе се наоѓале во просториите каде што се гласа.
Втор круг за градоначалници се одржа во следниве општини: Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран, Зрновци и Градот Скопје.
До 17 часот, според податоците на ДИК, излезноста на ниво на држава изнесувала 34,62 проценти, додека во Град Скопје одзивот бил 28,52 проценти.











