Италија реагира на изјавата на Захарова за кулите во Рим

Макфакс

04/11/2025

17:47

457

Големина на фонт

а а а

Италија денес го повикала заменикот на рускиот амбасадор на разговор во знак на протест поради изјавите на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која го поврзала уривањето на средновековна кула во Рим со италијанската воена помош за Украина.

Романски државјанин загинал откако бил извлечен од урнатините на кула близу Колосеумот, која се срушила вчера. Додека траела спасувачката операција, Захарова на Телеграм напишала дека „додека италијанската влада ги троши парите на своите даночни обврзници за поддршка на Украина, локалната економија и нејзините кули ќе продолжат да се уриваат“.

Шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани ја осудил изјавата, нарекувајќи ја „вознемирувачка и неприфатлива“, додавајќи дека Италија „нема да ја менува својата надворешна политика поради безобѕирни вербални напади“.

Руската амбасада во Рим подоцна изразила сочувство поради смртта на романскиот работник, но истовремено ја обвинила Италија за „агресивна антируска кампања“ во медиумите.

Италија од почетокот на руската инвазија во 2022 година ја поддржува Украина со воена, обука и хуманитарна помош во рамки на напорите на НАТО и ЕУ. Сепак, јавното мислење во земјата останува поделено – поголемиот дел од Италијанците се против руската агресија, но не сите го поддржуваат испраќањето оружје.