Грција воведува микрочипови за следење на домашните животни по скандалот за злоупотреба на субвенциите од ЕУ

Макфакс

05/11/2025

21:56

207

Големина на фонт

а а а

Грчката влада планира да воведе микрочипови за следење на домашните животни и нивно регистрирање во дигитална база на податоци, со цел да се врати довербата во управувањето со земјоделските субвенции по неодамнешниот скандал со измама и злоупотреба на субвенциите од ЕУ.

Според акциониот план што денес беше доставен до Европската комисија, новиот систем треба да овозможи точно евидентирање и следење на секое животно, објавува „Еурактив“.

Додека не стане целосно оперативен, бројот на грла ќе се проверува преку фактурите за продажба на млеко и месо, како и евиденцијата за купување храна за животни.

Европското јавно обвинителство претходно откри злоупотреби во кои сточарите на Крит пријавиле нереално голем број кози и овци во споредба со капацитетите на островот.

На овој начин, земјоделците нелегално добиле повисоки субвенции од Заедничката земјоделска политика (ЗЗП), објаснува бриселскиот портал.

Од 2020 година, бројот на регистрирани животни во Грција скокна од 2,2 милиони на дури 7,8 милиони, што претставува околу 45 проценти од вкупниот добиток во земјата.

Во планот, владата се обврза и на создавање нова дигитална геопросторна мапа на земјата, како и на развој на алатка за проверка на сопственоста на земјоделските парцели.

Во исто време, незадоволните грчки земјоделци најавија протести во Атина на 11 ноември, поради, како што велат, слабиот одговор на властите на аферата што ја потресе земјата.

Минатиот месец, најмалку 37 лица беа уапсени низ цела Грција како дел од истрагата за лица кои фалсификувале сопственост на земјиште и добиток за да добијат земјоделски субвенции од Европската Унија.

Грчката полиција проценува дека осомничените добиле 20 милиони евра субвенции во периодот од 2018 до 2022 година, а дека околу половина од таа помош е добиена нелегално.

Претресите беа спроведени во соработка со грчката полиција и Европското јавно обвинителство (EPPO).

Порано оваа година, европските обвинители објавија дека пронашле докази дека земјоделците и одредени владини претставници ја измамиле Европската Унија за да добијат субвенции, почнувајќи најдоцна од 2019 година.

Грчкото обвинителство започна истрага против владината агенција ОПЕКЕПЕ, која управува со земјоделските субвенции и годишно дистрибуира околу 2,5 милијарди евра помош.