Марија Захарова остро за Вучиќ: Се прашувам дали таму навистина постои само еден претседател на Србија

Точка

07/11/2025

19:32

1.180

Големина на фонт

а а а

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, остро реагираше на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој неодамна изјави дека „купувачите на муниција произведена во Србија можат да прават со неа што сакаат“.

Одговарајќи на прашање на „RT Balkan“, Захарова изјави дека не може да го разбере континуитетот во ставовите на српскиот претседател:

„Кога ги читам сите овие интервјуа со претседателот на Србија, се прашувам – дали таму навистина постои еден претседател Вучиќ? Затоа што се создава впечаток како да тие интервјуа ги даваат различни луѓе. Едни изјави слушаме кога тој се наоѓа во Москва, а сосема други кога зборува од други географски точки“, рече Захарова.

„И јас сега зборувам само за јавната сфера. Не знам, можеби медиумите нешто извртуваат, но во тој случај треба да има појаснување од надлежната прес-служба – од прес-службата на претседателот на Србија – која треба да објасни дали изјавите биле правилно цитирани во тој интервју“, додаде таа.


„Давани се ветувања на највисоко ниво“

Захарова потсети дека Русија повеќепати добила уверувања од српското раководство, вклучително и на највисоко ниво, дека извозот на муниција произведена во Србија е под строга контрола и дека тие производи нема да бидат испорачани на Украина, за да не бидат искористени против руските војници.

„Ќе потсетам само кои се тие војници. Тоа се припадници на вооружените сили кои повеќепати му притрчувале на помош на српскиот народ – историски, но и во современиот период“, нагласи Захарова.


„Одбивам да прифатам дека руските војници би можеле да бидат убиени со српско оружје“

„Одбивам дури и да ја разгледувам можноста – а не само темата – дека руските војници, кои историски го давале своето срце, во буквална смисла, жртвувајќи го животот или покажувајќи ја својата љубов и верност кон своите српски браќа, би можеле да бидат погодени или убиени токму со српско оружје, муниција или гранати“, изјави Захарова.

Таа додаде дека Русија очекува Белград строго да се придржува кон дадените ветувања.

„Забележуваме дека Србија дава едни изјави кога е во Русија, а сосема други кога се наоѓа на други места“, порача Захарова.

Претседателот Александар Вучиќ утрово се сретна со рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан Харченко, при што, според соопштението, главна тема на разговорот било снабдувањето со гас.