Компанијата „Toyota“ најави развој на нова генерација батерии за електрични возила – и според најавите, зад нив стои сериозна и револуционерна технологија.
Извршниот директор на компанијата, Акио Тојода, во неодамнешно интервју отворено зборуваше за своите сомнежи и причини поради кои не го поддржал безрезервно наглиот премин на авто-индустријата кон електрични возила.
Иако пристапот на „Toyota“ кон електромобилите досега беше крајно внимателен, изгледа дека компанијата во тишина и зад сцената веќе подолго време ја усовршува сопствената EV-технологија.

Батерија што трае до 40 години
Според најновите информации, „Toyota“ развива „цврста батерија“ (solid-state battery) која може да трае и до 40 години, што е дури четири пати повеќе од просечниот животен век на сегашните батерии во електричните автомобили.
Во суштина, се работи за батерии кои користат цврсти електролити, за разлика од традиционалните литум-јонски решенија што се базираат на течности.
Она што ја прави најавата уште поимпресивна е тоа што компанијата планира да ја воведе оваа технологија во сериско производство веќе во 2027 или 2028 година.

Повеќе досег, помала тежина, пониска цена
Според лабораториските податоци, технологијата на овие батерии нуди досег од најмалку 1.000 километри со едно полнење, додека истовремено тие се помали, полесни и поевтини за производство во споредба со денешните литум-јонски батерии.
Доколку се остварат овие предвидувања, „Toyota“ би можела да револуционизира целата EV-индустрија, комбинирајќи трајност, ефикасност и достапност на начин каков што досега не сме виделе.











