Татко, мајка и двете деца со турско потекло од Хамбург починаа во хотел во Истанбул. Истрагата сè уште трае, а се појавија нови теории.
Она што требало да биде одмор од соништата заврши со голема трагедија. Мајка и две мали деца од Германија починале во Истанбул, а таткото до денес бил на одделот за интензивна нега. Германските медиуми објавија дека и тој починал. Полицијата истражува во сите правци.
Медиумите најпрво објавија дека семејството се затруло со расипани полнети школки, популарна улична храна во турската метропола. Во меѓувреме, други медиуми пишуваат и за недозволени инсектициди користени во хотелот во кој била сместена четиричлената фамилија од Хамбург.

Во прилог на таа теорија оди и фактот што уште неколку други гости од истиот хотел во меѓувреме завршиле на лекување, пишува „Дојче веле“. Германските медиуми ја пренесуваат изјавата на еден локален лекар, кој наведува дека во хотелот била спроведена дезинфекција против штетници.
Властите во меѓувреме го евакуирале погодениот хотел во населбата Фатих и ја запечатиле зградата. Гостите биле преместени. Според официјалните податоци од петокот, во Истанбул не е забележан невообичаен пораст на случаи на труење со храна.
Уапсени неколку осомничени лица
Според медиумските извештаи, во меѓувреме биле уапсени единаесет осомничени: уште во петок четворица продавачи на улична храна, во саботата уште тројца осомничени, меѓу кои и едно одговорно лице во хотелот, еден пекар од околината на хотелот, а во понеделник уште двајца вработени во хотелот.
Во понеделник тие треба да бидат изведени пред истражен судија. Не е јасно дали апсењата се меѓусебно поврзани. Властите првично не се изјаснуваа.

Таткото, мајката, шестгодишниот син и тригодишната ќерка — семејство со турско потекло од Хамбург — отпатувале во Истанбул пред една недела. Во средата семејството било примено во болница поради мачнина и повраќање, под сомнеж за труење со храна, и по краток престој било пуштено.
Откако состојбата се влошила, целото семејство преку ноќ повторно било пренесено во болница. Набргу потоа, двете деца починале, а потоа во петок починала и мајката. Таткото бил на одделот за интензивна нега и денес и тој починал.

Неисполнет сон
Таткото на починатата жена рекол дека се надева на добри вести за својот зет. Семејството секоја година доаѓало во Турција на одмор. Ова лето го уредиле и реновирале поткровјето во семејниот стан во нивниот роден град Болдавин.
„Планираа да се преселат овде. Тоа беше нивниот сон“, изјави таткото на починатата жена.
Истанбул годишно, со повеќе од 19 милиони туристи, е една од најпосетените метрополи во светот.
Туристичката канцеларија наведува дека градот целосно закрепнал по терористичките напади и политичките немири во последните години. Според пишувањата на германските медиуми, и хигиенските стандарди во рестораните последните години се зајакнати.














