Мачу Пикчу, најпознатото перуанско археолошко наоѓалиште и светско наследство на УНЕСКО, во последните месеци се соочува со сериозни проблеми поради спорот помеѓу автобуските превозници кои возат до ова наоѓалиште.
Како што пренесе Би-би-си, поради блокадите поврзани со конфликтот неодамна биле евакуирани околу 1.400 туристи. Главната спорна точка е промената на концесионерот за автобуски превоз на релација Агуас Калиентес-Мачу Пикчу.
Компанијата „Consettur“, која веќе 30 години секојдневно превезува просечно 4.500 посетители на дваесет минутната релација, ја загубила лиценцата во корист на новата компанија „San Antonio de Torontoy“. Сепак, поради правни предизвици, новата компанија сè уште не почнала со работење, а „Consettur“ и понатаму ги превезува туристите.

Локалните заедници имаат поделени мислења во врска со тоа кој треба да управува со профитабилната автобуска линија. Некои мештани тврдат дека постапката била нетранспарентна, додека други сметаат дека „Consettur“ предолго го држи монополот, но менаџерот на компанијата, Кристијан Алберто Кабалеро Чакон го негира тоа.
„Сопствениците на компанијата ја водат веќе 30 години, а тоа се луѓе кои потекнуваат оттука. Ова не е монопол“, изјави Кабалеро, истакнувајќи дека „Consettur“ се состои од 12 различни компании, вклучувајќи и локален окружен совет кој поседува 38% од уделот.

Тензиите кулминирале во септември, кога протестантите ја блокирале железницата со камења, па државата морала да ја исчисти пругата и да организира посебни возови за да ги евакуира туристите.
За повеќето посетители, возот е единствениот начин да стасаат до Агуас Калиентес, од каде што се префрлаат во автобус за да продолжат до Мачу Пикчу. Пешачењето е алтернатива, но потребни се околу два часа стрмно искачување.
Туристите се жалат и на високите цени на превозот и билетите. Австралијката Аналис Јакшиќ изјавила дека била изненадена што скапата карта за воз не вклучувала автобуски превоз.
Најевтиниот повратен билет за воз чини 140 долари, додека луксузната прва класа достигнува 2.000 долари. Стандардната влезница за Мачу Пикчу изнесува 57 долари. Повратниот автобуски билет чини 24 долари за странци и 15 долари за Перуанци.

Тод Карланд, сопатникот на Јакшиќ, додал дека купувањето билети било „кошмар“ бидејќи не користеле тура со водич, што го направило процесот уште покомплициран.
Градоначалникот на Агуас Калиентес, Елвис Ла Торе, исто така се жали на цените на билетите. Тој вели дека локалната заедница добива само 10 проценти од приходите од билетите, а остатокот оди во Министерството за култура на Перу.
Тој смета дека поголемиот дел од приходите треба да останат во регионот со цел да се подобрат услугите и да се финансираат проекти за локалното население.

Карлос Гонзалез, претседателот на регионалната туристичка комора повикува на посилен државен надзор врз јавниот превоз и реформа на системот.
Тој предлага и подобрување на искуството на посетителите на Мачу Пикчу, како одделни влезови и посебни зони за различни видови туристи, од оние кои трагаат по духовни искуства до помлади посетители склони кон објавување содржини на социјалните мрежи. Но, истакнал дека политичките промени во земјата го отежнуваат напредокот.

„Веќе пет години го водам туристичкиот сектор и веќе не знам досега со колкав број министри, заменици и конгресмени разговарав“, рекол Гонзалез.
И покрај сè, Кабалеро порача дека компанијата „Consettur“ е подготвена да ја дели рутата со конкурентска компанија.
„Доколку добијат конечно одобрение, немаме проблем да соработуваме со нив. Нема да ги запираме“, нагласил тој.
Спорот околу автобусите продолжува, додека Мачу Пикчу и неговите посетители остануваат „заробеници“ на административни и локални конфликти, кои ја загрозуваат најважната туристичка атракција во Перу.










