[ФОТО] „Toyota“ стартува нов луксузен бренд – и одбива да премине на струја

Точка

04/12/2025

13:46

307

Големина на фонт

а а а

„Јапонскиот Rolls-Royce“ нема да има електричен погон.

„Toyota“ лансира нова ултралуксузна подмарка, позиционирана над „Lexus“, под името "Century", по истоимената лимузина која повеќе од 50 години е присутна на јапонскиот пазар.

Новата "Century" линија ќе се состои од врвни модели развиени како конкуренција на брендови како што е „Rolls-Royce“. Најважно од сè – ќе користат мотори со внатрешно согорување.


Во интервју за австралискиот „CarExpert“, претседателот на одделението за погонски системи во „Toyota“, Такаши Уехара, потврди дека "Century" ќе има бензински мотори.

„Сè уште не сме одлучиле кој тип мотор ќе биде вграден, но да, ќе има мотор“, изјави тој.

Кој мотор би можел да биде тоа? Засега не е познато, но „Toyota“ има неколку соодветни опции.


Една можност е новиот хибриден четирицилиндарски агрегат, кој треба да развива околу 400 коњски сили, при што раководството тврди дека „600 коњски сили се лесно достижни“. Овој погон ги комбинира турбо 2.0-литарскиот мотор со батериска асистенција.

Уште поверојатен избор е претстојниот хибриден V8, кој треба да дебитира во суперавтомобилот GR GT и неговиот „Lexus“ еквивалент. „Toyota“ веќе потврди дека овој V8 ќе се користи и во други возила, не само во спортски модели – туку и во идни камиони, SUV модели и автомобили од линијата "Century". Според гласините, неговата моќност се приближува до 900 коњски сили.


Се споменува и можност за враќање на V12 мотор, што би било омаж на втората генерација на "Century" (1997 – 2017), која беше достапна со V12. Сепак, поголемиот дел од тие гласини изгледаат неосновано.

Со ова „Toyota“ јасно става до знаење дека брендот "Century" нема да биде целосно електричен. Првите модели се очекува да се појават на патиштата во следните две години, иако останува непознато на кои пазари ќе се продаваат.