Во Копенхаген, туристите кои прават добри дела сега можат да заработат бесплатни или намалени оброци, изнајмување велосипеди и посети на музеи како дел од ново започнатиот програм „CopenPay“.
Копенхаген ја утврдува титулата на град во кој луѓето се најсреќни и каде се живее најдобро во светот со новиот програм кој ги вклучува – туристите.
Иницијативата, започната во 2024 година како пилот програм, е дизајнирана да ги поттикне туристите да дадат позитивен придонес на локалната заедница за време на патувањето. Наместо да бидат само „набљудувачи“ и „конзументи“, се повикуваат да се вклучат и да се поврзат со Копенхаген на подлабоко ниво – учествувајќи во некоја позитивна акција, но и уживајќи во наградата и автентичното искуство кое ќе го понесат од овој град.
Имено, преку едноставни акции како што се отстранување ѓубре од каналите или доаѓање со велосипед во музеите, туристите можат да освојат низа награди.
Во избрани ресторани и кафулиња, посетителите можат да ги заменат доказите за нивниот позитивен придонес во заедницата за бесплатно кафе, сладолед, ручек, чаша вино или вегетаријански оброци. Меѓу наградите се и бесплатни посети на музеи, бесплатни водени тури, уметнички работилници, изнајмување кајаци, изнајмување велосипеди и часови јога, а за да ги добијат, доволно е да ја покажат својата карта за јавен превоз или фотографија додека собираат ѓубре или волонтираат на градските фарми.
„Видовме колку наши посетители бараат поинакви и значајни искуства“, вели Серен Теген Петерсен, извршен директор на организацијата „Wonderful Copenhagen“. „Туристите веќе не сакаат само да го видат градот – тие сакаат да бидат дел од него. „CopenPay“ им ја овозможи таа можност.“
Од своето започнување, програмот го користеле повеќе од 30.000 „волонтер туристи“ и сè укажува на тоа дека проектот бил успешен. Не само што изнајмувањето велосипеди пораснало за 59%, туку дури 98% од патниците би го препорачале „CopenPay“ на други, пишува „Daily Mail“.
Оваа година, „CopenPay“ продолжува да се шири со десетици локални партнери во неколку градови. Иницијативата исто така би можела да се прошири и во други земји – повеќе од 100 дестинации ширум светот веќе покажуваат интерес, а некои се во процес на воспоставување на своја верзија на моделот.
„Многу дестинации веќе ја разгледуваат можноста за нејзина имплементација, а Берлин беше првиот кој создаде своја „DestinationPay – BerlinPay“. Не само што им дозволуваме на другите да го користат моделот – ние го поттикнуваме“, нагласува Серен Теген Петерсен.











