Првиот „AI“ фитнес-придружник (асистент) произведен од компанијата „BodyPark“, наречен „Атом“, ги следи и коригира вашите движења, но и ве мотивира да вежбате, во реално време – без разлика дали сте дома, во теретана или во канцеларија.
Тој комбинира напредна технологија за следење на движењето и гласот и нуди персонализирани тренинг-програми.
Може да „разговара“ со очи и да се постави на која било површина, па дури и на ѕид, со помош на држач со магнет.

Има камера од 160º опремена со сензори. Сензорите го следат телото и го бележат држењето и движењата, а потоа даваат повратна информација.
Уредот ги опфаќа сите видови вежби – од вежби за сила, работа со тегови и еластични ленти, до вежби за мобилност. Вежбите се поделени во категории според типот, нивото на тежина и мускулите што се активираат.
Корисниците на екранот ги следат упатствата за вежбата што сакаат да ја изведуваат, со придружен видео-пример.

Уредот регистрира 34 клучни точки на човечкото тело, го проценува секое движење и го споредува со идеалниот модел. Потоа дава гласовна, повратна информација за да се обезбеди правилно вежбање.
Командите вклучуваат пораки како: „Спушти се пониско кога правиш клекови (чучњеви)“, „Направи чекор наназад“ и слично.

Од компанијата тврдат дека уредот обезбедува прецизност при процената на правилното изведување на вежбите до дури 96 отсто.
Може да се поврзе и со слушалки преку блутут доколку ви е потребна приватност.
„Со една гласовна или чет-команда, „Атом“ генерира приспособени вежби за секој тренинг. Ви помага да импровизирате и да пронајдете алтернативни движења според опремата и условите што ги имате во теретана. Интелигентниот „AI“-модул ја ажурира вашата неделна и месечна програма, балансирајќи ја фреквенцијата, обемот, интензитетот и закрепнувањето за одржлив напредок.
Уредот ги синхронизира податоците во реално време и со „Apple Watch“ – плус, активноста, нивото на стрес и дишењето. Користејќи ги овие податоци, обезбедува персонализирани извештаи за тренингот“, пишува на веб-страницата на компанијата.

Уредот, според зборовите на компанијата, поттикнува здрав начин на живот кој не завршува со заминување од теретана.
„Седевте со часови? „Атом“ ве потсетува да станете и да го размрдате вашето тело“, додадоа од компанијата.

Уредот, исто така, ги бележи и ги памети најдобрите моменти за време на тренингот и ги претвора во динамични видео-резимеа кои можете да ги споделите со тренерот или со пријателите.