Празнични бајки со воз низ Европа

Точка

15/12/2025

18:36

482

Големина на фонт

а а а

Зимата во Европа значи глетки како од разгледници – пејзажи покриени со снег, светилки, богати трпези и божиќни пазари.

Тоа е период кога луѓето се опуштаат, се подготвуваат за празниците на крајот од годината и уживаат во драгоцено време со семејството.

А што може да биде подобро од тоа празничното расположение да го доживеете луксузно и полека, патувајќи низ некои од најубавите пејзажи во Европа?

Ова се некои од "најфотогеничните" и најпосебните европски празнични патувања со воз, во кои можете да уживате оваа сезона.

„Дедо Мраз Експрес“

Ова може да биде едно од најволшебните патувања со воз на крајот од годината. Нурнете директно во срцето на божиќните бајки со „Santa Claus Express“.

Овој фински ноќен воз со спални вагони ги носи патниците од Хелсинки секоја вечер сè до Северниот Поларен Круг, до Рованиеми, минувајќи низ замрзнати езера и шуми покриени со снег. Среќните патници понекогаш можат да ги забележат и ретките северни светлини за време на одредени патувања.


Кога ќе се разбудите, ќе се најдете длабоко во Лапонија, „официјалниот роден град на Дедо Мраз“, со станици во Колари и Кемијарви.

Тука патниците можат да уживаат во блиските атракции, како селото на Дедо Мраз, како и да ја посетат Главната пошта на Дедо Мраз за да добијат печат од Северниот Поларен Круг во пасошот. Од тука, исто така, можат да испратат и писма.


„Espresso Monaco“

Љубителите на ноќните возови можат да го испробаат „Espresso Monaco“, специјален празничен ноќен воз кој сообраќа меѓу Рим и Минхен за време на божиќната сезона.

Ова е носталгичен начин да се доживее најдоброто од европската сезона на божиќни пазари, бидејќи патниците ги носи директно до некои од најпознатите минхенски пазари, каде што можат да купуваат рачно изработени украси и да уживаат во различни празнични специјалитети, како варено вино.


Прославите започнуваат уште во возот, со божиќна тематика во менито, декорации и забава, вклучително и музички настапи во живо.

Станиците, меѓу другото, ги вклучуваат Верона, Тренто и Болцано во Италија. Во Австрија, возот застанува во Бренер, Инсбрук и Куфштајн, пред да влезе во Германија и да заврши во Минхен.


„Bergen Railway“

„Bergen Railway“, со која управува норвешката државна железничка компанија „Vy“, и во зима ја покажува својата магија.

Од Осло до градот Берген на западниот брег на Норвешка, овој воз поминува околу 500 километри за приближно седум часа и минува низ околу 180 тунели.

Воедно, ова е една од железничките линии со најголема надморска височина во Европа.


Уживајте во магична, празнична зимска авантура додека минувате покрај замрзнати пејзажи и водопади, снежни полиња, драматични планини, фјордови, пространи висорамнини и бајковити села со дрвени куќи. Ако имате среќа, можете да видите и диви ирваси или арктичка лисица.

Некои од најимпресивните точки на рутата ја вклучуваат висорамнината Хардангервида, една од најголемите планински висорамнини во Европа, потоа Финсе – станица на голема надморска височина со неверојатен поглед на глечерите – и Геило, популарно скијалиште.


Патниците можат да се префрлат и на прочуената „Flåm Railway“ на станицата Мирдал, за уште поспектакуларно спуштање кон фјордовите.

„Golden Eagle Danube Express“

Ги сакате божиќните пазари? Тогаш „Golden Eagle Danube Express“ е совршен избор за вас.

Овој воз нуди различни целогодишни маршрути во траење од осум до 12 дена, но во зима е особено магичен. Во понудата е и рутата „Божиќни пазари на Централна Европа“, која сообраќа меѓу Будимпешта и Минхен, минувајќи низ Виена, австриските Алпи и Салцбург.


Патувањето вклучува дводневен престој во хотел со пет ѕвезди во Будимпешта, вечери за добредојде, водени тури низ градовите, приеми со шампањ и обиколки на божиќните пазари. Меѓу највпечатливите моменти се традиционална возење со кочија во Виена, концерт на виенски божиќни народни песни и дегустација на медени колачи. Приспособени верзии на оваа рута можат да вклучуваат и други познати градови како Париз, Берлин и Амстердам.

Уживајте во обиколката на бројни историски градови украсени со илјадници светкави божиќни светилки и покриени со снег.


„Grand Alpine Express“

Уште една празнично совршена рута е „Grand Alpine Express“, која ги води патниците низ Австрија, Словенија, Швајцарија и северна Италија.

Станиците на рутата ги вклучуваат Будимпешта, Виена, превојот Земеринг, Езерото Ахен, Инсбрук, Цирих, превојот Свети Готард, Езерото Комо, Верона, Трст, Бледското Езеро, Љубљана, Постоина и Венеција.

Уживајте во глетките на живописниот австриски Тирол и италијанскиот езерски регион, со дополнителна предност да истражите еден релативно малку познат европски бисер – Словенија. Ова патување опфаќа ренесансни и готски палати, села како од разгледници и замрзнати езера.

„Glacier Express“

Рутата на „Glacier Express“ е една од најпознатите железнички линии во Швајцарија и уште еден силен кандидат за божиќно патување.

Познат како „најбавниот експресен воз во светот“, сообраќа меѓу Цермат и Сент Мориц за време на епско осумчасовно патување долго 291 километар.


Поминете преку швајцарските Алпи, минувајќи низ 91 тунел и преку 291 мост, додека уживате во панорамски погледи на снежни врвови, ледено-сини езера и длабоки клисури.

Најпознатите точки на рутата ги вклучуваат превојот Обералп, кој е отворен во текот на целата година, драматичниот Рајнски кањон – познат и како „швајцарскиот Голем кањон“ – и вијадуктот Ландвасер, кој се наоѓа на листата на светско наследство на „UNESCO“, пренесува „Euronews“.