Приправниците од „Audi“ направија уште еден посебен автомобил и го вратија духот на легендарните тркачки машини, со што одбележаа голем јубилеј.
Учениците од едукативниот центар во Некарсулм веќе неколкупати пријатно изненадија. На многумина им е во свежо сеќавање „RS6 GTO“, од кој подоцна произлезе серискиот „RS6 GT“, а тука беа и електричниот „NSU Prinz“, како и електромоделот „Ai A2 E-tron“. Сега, пак, станува збор за нешто сосема поинакво – тркачки автомобил кој изгледа како да допатувал директно од 1989 година.
Уникатниот концепт одбележува 50 години од култниот реден петцилиндричен мотор на „Audi“, а автомобилот претставува директна посвета на богатата историја на овој необичен мотор. „Audi“ моментално е единствениот производител кој сè уште во понудата има петцилиндричен мотор. „Fiat“, „Ford“, „Volkswagen“ и „Volvo“ одамна се откажаа од ваквиот концепт, додека „Audi“ и натаму го нуди во моделот „RS3“. Токму „RS3“ беше основата за овој концепт.
Ретро концептот јасно се потпира на естетиката на „IMSA“ и „Trans-Am“ трките, со агресивна аеродинамика и исклучително впечатлив дизајн. Воедно, дискретно навестува можност за уште помоќни верзии на моделот „RS3“, додека петцилиндричното наследство продолжува.
Имено, сè почесто се зборува дека „Audi“ подготвува уште порадикална специјална верзија на „RS3“, која би можела да го надмине „AMG A45“ и да ја преземе титулата најмоќен „hot-hatch“ на пазарот. „GT50“, кој првпат беше откриен преку објава на германскиот портал „Stimme“ на „Instagram“, делува како своевидна увертира. Станува збор за гласен, носталгичен потсетник дека во стариот, добар петцилиндричен мотор сè уште има живот.

„GT50“ се откажува од заоблените линии и носи аголен, триделен, исклучително агресивен изглед, со површини обликувани според аеродинамичните барања. Посебно внимание привлекуваат огромните „turbofan“ тркала, кои изгледаат како да би можеле да вшмукаат сè што ќе им се најде на патот. Тука е и класичната маска на ладилникот – јасна референца на легендите од „IMSA“ и „Trans-Am“, чија ДНК е видлива на секој дел од каросеријата.
Следната година се одбележуваат 50 години од појавата на овој необичен моторен распоред, кој со текот на времето стана заштитен знак на „Audi“ и своевиден инает кон автомобилските конвенции. Редниот петцилиндричен мотор првпат се појави во 1976 година во „Audi 100“. Станува збор за необична конфигурација која нудеше мазност на шестцилиндричен мотор, комбинирана со едноставноста на четирицилиндричен агрегат.

Низ децениите, моторот стекна култен статус и бројни трофеи, придвижувајќи легендарни модели како оригиналниот „Quattro“ во патни и рели-верзии, како и тркачки икони како „90 Quattro IMSA GTO“ и „200 Quattro Trans-Am“.
Под предниот поклопец на концептот се наоѓа добро познатиот 2,5-литарски турбо петцилиндричен мотор од моделот „RS3“, со моќност од 400 коњски сили. Моторот остана непроменет, бидејќи токму тој е централниот елемент на оваа посвета. Впрочем, љубителите на „Audi“ добро знаат дека овој мотор, со основни доработки, може да развива најмалку уште 100 коњски сили повеќе.
















