Орбан: Срамно е како ЕУ се однесува кон Србија

Макфакс

17/12/2025

22:30

219

Големина на фонт

а а а

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека Србија е клучна земја во Западен Балкан и дека начинот на кој Европската унија се однесува кон Белград е срамен и неправеден.

Орбан го изјави ова пред самитот на Европската унија и земјите од Западен Балкан во Брисел, одговарајќи на прашање за отсуството на Србија од состанокот, објавија регионалните медиуми.

Тој изјави дека Западен Балкан претставува економска резерва на злато за Европската Унија и дека Србија игра клучна улога во регионалната стабилност и заштитата на Европа од мигрантските текови.

„Не можеме ништо да направиме без Србија. Она што се случува тука, мислам на третманот и однесувањето кон Србија, е срамно. Тоа е целосно неправедно и неприфатливо“, рече Орбан.

Унгарскиот премиер истакна дека Србија сочинува повеќе од една третина од вкупното население на Западен Балкан, додека, според него, најмалку половина од економијата на регионот е поврзана со таа земја. Тој додаде дека околу две третини од извозот на Западен Балкан е поврзан со Србија.

„Без Србија, невозможно е да се направи нешто на Западен Балкан“, тврди Орбан.

Тој оцени дека, за да се најдат решенија за постојните предизвици, Европската унија прво треба да ја прифати Србија како членка, а дури потоа да го продолжи процесот на проширување со другите земји во регионот.

„Ние го правиме токму спротивното. Не е добро. Лошо е, неправедно и срамно. Затоа ние Унгарците мора да ја поддржиме Србија да продолжи напред“, заклучи Орбан.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави доцна синоќа дека Србија нема да присуствува на денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел, наведувајќи дека не сака владата на земјата да трпи притисок, но повтори дека Белград останува посветен на членството во ЕУ.