Реакција на грчкото МНР по изјава на Мицкоски дека „го вративме името“: Името Северна Македонија е дел од Уставот

Макфакс

18/12/2025

13:44

2.223

Големина на фонт

а а а

Грчкото Министерство за надворешни работи повтори дека Преспанскиот договор, со кој се реши деценискиот спор за името меѓу Атина и Скопје, е дел од уставот на Северна Македонија и е целосно обврзувачки за двете страни, како на меѓународно, така и на домашно ниво, објавија грчките медиуми.

Соопштението од грчкото Министерство следи по коментарите на премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека ефикасно ја вратил употребата на „Македонија“ на домашен терен.

Министерството нагласи дека уставното име на Северна Македонија е експлицитно дефинирано во член 1 од Преспанскиот договор, од кој е дел, и предупреди дека „секој обид за фалсификување или менување на содржината на договорот никогаш нема да биде прифатлив од грчката страна“.

Додаде дека договорот „е дел од меѓународното право и дека почитувањето на него е основа на мирниот соживот на луѓето и државите“.


„Во меѓународните договори нема фактички ситуации; нивното спроведување е униформно и универзално“, соопшти Министерството, истакнувајќи дека напредокот во билатералните односи и патот на Северна Македонија кон ЕУ „бараат строго почитување на договорите и почитување на принципот на добрососедски односи“.

Мицкоски на 15 декември, гостувајќи во дневникот на телевизија Сител, рече дека го вратил името на државата, одговарајќи на прашање за критиките од опозициската СДСМ дека не може да му се верува, меѓу другото, зашто ветуваше поништување на Преспанскиот договор, а тоа не е сторено.