Скопје меѓу најзагадените градови во светот, не сакаме огномет за Нова Година: Зелен хуман град со апел до скопските градоначалници

Макфакс

18/12/2025

11:49

247

Големина на фонт

а а а

Активисти на граѓанската иницијатива Зелен хуман град со апел до сите скопски градоначалници да се откажат од огномет за Нова Година.

„Ја пренесуваме пораката на стотици сограѓани кои секојдневно ни пишуваат: Не сакаме огномет за Нова Година никаде во Скопје.

Скопје повторно е меѓу најзагадените градови во светот, со енормно високи концентрации на PM2.5 и PM10 честички. Во вакви услови, секоја дополнителна детонација е директен удар врз здравјето на луѓето и врз животната средина.

Како јавни службеници избрани од граѓаните, имате обврска да ги заштитите од загадување, од бучава, од вознемирување и влошување на здравјето, а животните од стрес, паника и потенцијална смрт“.

Организирање огномет од јавни пари по сите научно докажани информации кои ги споделивме, како што појаснуваат од таму, е свесна одлука, да се игнорира реалноста на штета на сите нас.

Од Зелен хуман град додаваат дека штетните политички одлуки не ги плаќаме само со нашите тешко заработени пари, ги плаќаме, како што истакнуваат, со најскапоценото, нашето и здравјето на тие што ги сакаме.

„Јавно ќе ги објавиме имињата на сите скопски градоначалници кои ќе се обврзат дека за Нова година нема да организираат огномет. Скопје знае да слави достоинствено“.