Антонио Конте во најавата за полуфиналето со Милан јасно нагласи дека нема да го игра Елиф Елмас во средниот ред и се доби впечаток дека ќе го остави на клупа, но на крајот испадна дека искусниот стручњак имал други планови со македонскиот фудбалер.
Во ситуација кога можеше да располага со Лоботка и МекТоминеј, Конте го играше Елмас на поприродна позиција во офанзивниот дел од системот и Македонецот одигра навистина добар натпревар, а полуфиналето во Ријад му послужи како добра шанса да овековечи еден момент со две легенди.
Елмас, Лука Модриќ и Златан Ибрахимовиќ составија едно импресивно балканско трио, а заедничката фотографија преку социјалните мрежи ја пренесе нашиот Елиф.
– Ние сме во финалето, – порача Елмас при објавената фотогалерија, од која најмногу отскокнува сликата со двете фудбалски легенди.
Златан Ибрахимовиќ е составен дел од Милан како важен директор на клубот, а Лука Модриќ оваа сезона пристигна како огромно засилување од Реал Мадрид, без оглед на својата возраст.












