[ВИДЕО] Јовановска: Левица бара вонреден инспекциски надзор во Цементарница УСЈЕ

Макфакс

23/12/2025

09:21

166

Големина на фонт

а а а

„Скопје повторно се гуши во ПМ честички. Секоја година, особено во зимскиот период Скопје руши рекорди во загаденост, но освен паушални изјави и празни ветувања, властите не превземаат никакви конкретни мерки за решавање на овој проблем“, истакна Катерина Јовановска, координаторка на советничката група на Левица во Советот на Град Скопје, на прес конференција на која соопшти и дека поднеле Барање за вонреден инспекциски надзор во Цементарница УСЈЕ.

Според неа иако проблемот со загадувањето во Скопје е повеќедецениски, ниту една од партиите кои се менуваа на власт, не направиле речиси ништо за намалување на загадувањето, ниту пак понудиле трајно решение. „Јавниот градски превоз е колабиран, нови еколошки автобуси нема, а Јавното обвинителство веќе три години не постапува по кривичната пријава поднесена од градот Скопје против загадувачот Цементарница УСЈЕ“.

Од Левица јавно прашуваат „до кога профитот ќе биде пред здравјето на граѓаните“ и додаваат дека здравјето на граѓаните нема цена. Како што посочи Јовановска, советничката група на Левица освен барањето за вонреден инспекциски надзор во УСЈЕ доставиле и низа амандмани на Буџетот на Град Скопје за следната година, со конкретни мерки за намалување на загадувањето.



„Поднесовме амандмани за набавка на еколошки дрва со цел намалување на загадувањето на воздухот, субвенции за прочистувачи на воздухот за жителите на Скопје, субвениции за граѓани и фирми за набавка на филтри за оџаците… Дел од овие амандмани ги поднесе и минатата година, но ниту еден од нив не доби подршка од советниците на ДПМНЕ и СДС“, истакна Јовановска.

Левица ќе даде и поддршка на најавениот протест во четврток, против Цементарница УСЈЕ, и се надеваат на масовно присуство на скопјани на овој протест затоа што, како што рече Јовановска „сепак за здравјето се работи“.