Божиќ и Нова година за многумина значат и повторно гледање на филмот „Сам дома“, а во тој период повторно појавува и „теоријата на заговор“ дека британскиот водител Пирс Морган глумел во вториот дел од филмот, односно дека ја толкувал госпоѓата со гулабите.
Твит што бил прегледан повеќе од милион пати на Икс вели: „Сега е оној период од годината кога сите го гледаме Пирс Морган како госпоѓата со гулабите“, што го поттикнало британскиот водител остро да одговори наведувајќи: „Тоа. Не сум. Јас“.
Шегата и споредбата со ликот што се појавува во вториот дел од филмот „Сам дома“ се појавиле откако синот на Морган се пошегувал поради сличноста, а повторно се појавиле и во емисијата „Good Morning, Britain“, каде што колешката Сузана Рид го задевала прикажувајќи фотографии од него и ликот од филмот една до друга.
Морган инсистирал дека тој апсолутно не е бездомницата која во филмот се спријателува со Кевин Мекалистер.
Прилогот само дополнително ја поттикнал шегата, особено откако Рид открила стари снимки од Морган прекриен со гулаби.
Во реалноста, жената со гулабите во филмот не е Пирс Морган, туку ирската актерка Бренда Фрикер.
Без оглед на тоа што Морган редовно демантира дека тој е ликот од омилениот божиќен филм, секоја година традиционално пред Божиќ се активира „теоријата на заговор“ дека тоа всушност е тој.







