Сојузниците му дадоа силна поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски во пресрет на неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Палм Бич, Флорида.
Зеленски одржал видеоконсултации со лидери на повеќе европски земји, Канада, како и со високи претставници на Европска унија и НАТО. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста порачаа дека поддршката на ЕУ за Украина нема да ослабне, ниту во војна, ниту во мир, ниту во обновата.
ЕУ најави продолжување на притисокот врз Русија преку санкции и поддршка за европскиот пат на Украина. Европските лидери истакнаа дека ќе продолжат тесно да соработуваат со САД за постигнување праведен и траен мир.

Зеленски изјави дека на средбата со Трамп ќе ги истакне „црвените линии“ на Украина, нагласувајќи дека нема да прифати капитулација или мир диктиран од Москва. Тој најави разговори за мировен план во 20 точки, при што безбедносните гаранции ќе бидат клучни.
Украинскиот претседател побара дополнителни противвоздушни системи и проектили, нагласувајќи дека Русија секојдневно извршува напади и не покажува интерес за мир. Тој додаде дека за повоената обнова на Украина ќе бидат потребни средства до 800 милијарди долари.
Русија не учествува во разговорите во Палм Бич, а Зеленски истакна дека траен мир не е можен без договор со Москва.







