Опозициската СДСМ реагираше на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи ги како измислени вести и дефокус од главните теми.
Од СДСМ наведуваат дека визата претставува службен документ издаден од држава, кој овозможува влез, престој или транзит, најчесто во форма на печат или налепница во пасош, и дека секој граѓанин може да ги провери условите за визи на веб-страниците на надлежните амбасади.
„Со ова ја затвораме оваа бесмислена тема од кујната на ВМРО“, соопштија од СДСМ, додавајќи дека д-р Венко Филипче работи како доктор и не се занимава со градење згради, ниту со изградба на 42-катница во Дубаи со Зоран Заев, кој, како што наведуваат, веќе пет години е во политичка пензија.
„Откако утврдивме дека „златната виза“ не е злато, туку хартија во пасош, сакаме да им порачаме на граѓаните на Македонија дека токму поради вакви работи не сакаме да одговараме на лажните вести и измислените глупости на ВМРО, бидејќи тие служат за дефокус од главните теми, како што е прашањето за „мигранти за пари“ и криминалните тендери“, велат од СДСМ.
Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение наведоа дека Филипче, во свое појавување пред медиумите, рекол оти не бил бизнис-партнер на Зоран Заев во градбата на висококатница во Дубаи, но со тоа, според нив, потврдил дека Заев таму гради зграда висока 42 ката.
Од ВМРО-ДПМНЕ поставија прашања за тоа како Филипче дошол до „златна виза“ за Дубаи, тврдејќи дека претходно објаснувал оти ја стекнал поради наводен работен ангажман и преговори со тамошна болница, за кои, како што велат, досега не презентирал документи.
Партијата побара Филипче да одговори дали има или нема стан во Дубаи и дали „златната виза“ е поврзана со инвестиција од најмалку 500.000 долари, како и од каде потекнуваат тие средства.







