Николоски: Инвестираме 21 милион евра за набавка на нови пет електрични локомотиви

Макфакс

30/12/2025

15:09

171

Големина на фонт

а а а

Инвестираме 21 милион евра за набавка на пет нови електрични локомотиви кои ќе бидат од суштинско значење за зголемување на карго-транспортот, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој денеска заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и директотот на МЖ Транспорт, Дејан Кошутиќ го потпишаа Договорот за заем од ЕБРД за набавка на нови електрични локомотиви.

Николоски кажа дека со новата флота од пет локомотиви и постојните четири кои се понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.

„Од постојните 11 локомотиви, четири се понови, а седум се постари. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај. Ова е особено важно за Коридорот 10, кој треба да бележи раст во наредните години, како и за Коридорот 8, кој во моментов интензивно го развиваме преку значајни инвестиции во железничката инфраструктура“, рече Николоски.

Истовремено, додаде тој, оваа инвестиција е дел и од пошироката визија за Скопје, подобрување на квалитетот на воздухот преку воведување на градскиот воз.

„Во моментов се работи на една од трите линии во делот на инфраструктурата, а во следните две години ќе се работи и на преостанатите две. Кога целиот проект ќе биде завршен, по тие линии ќе сообраќаат исклучиво електрични возови, со јасна цел, целосно да се елиминира употребата на дизел локомотиви и дизел возови во главниот град и да се придонесе за подобар квалитет на воздухот. Сега влегуваме во потешкиот, но клучен дел, успешно спроведување на набавката. Се надевам дека до март, во соработка со ЕБРД, ќе успееме да го објавиме повикот и потоа успешно да ја реализираме испораката на новите локомотиви“, рече Николоски.